Со герила акција, движењето „Сите за МКЦ“ продолжува да се спротивставува на кратењето на буџетот

Фото: „Сите за МКЦ“

На овогодинешниот музички фестивал „Земјотрес“, неформалното движење „Сите за МКЦ“, повторно го изрази својот револт преку герила акција, со што продолжи да се спротиставува на енормното кратење на програмскиот буџет на институцијата Младински културен центар (МКЦ) за 84 отсто во споредба со лани, информираат од движењето.

За време на саботниот настап на Дина Јашари на „Земјотрес“ беше пуштено големо платно со порака „Видете нѐ колку нѐ има. Сите за МКЦ”, гест кој бил еуфорично прифатен од присутните.

„Платното го држеа над себе десетици луѓе, додека Дина ја изведуваше песната „Дома“ адаптирана со текст „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“. По акцијата, платното беше оставено во главниот ходник каде остана до крајот на вечерта. За време на фестивалот исто така се делеа беџови и стикери со илустрација од Малиот Принц и QR код до онлајн петицијата на „Сите за МКЦ“ преку препорачани донации“, информираат од движењето.

Како дел од нивната акција, голем број од артистите и бендовите свиреле пред видео-бимови со пораки „Ова е нашето МКЦ“, „МКЦ е нашиот дом, вчера, денес и утре”, „Земјотрес за МКЦ“.