Снепчет го објави својот чет-бот базиран на ChatGPT, наречен „My AI“

фото: newsroom.snap.com / Принтскрин

Снепчет воведува чет-бот напојуван од најновата верзија на ChatGPT на компанијата „Опен АИ“. Според извршниот директор на Снепчет, Еван Шпигел, чет-ботовите со вештачка интелигенција (ВИ) во голема мера ќе станат дел од секојдневниот живот на голем број луѓе, пишува „Врџ“.

Наречен „My AI“ (Моја ВИ), ботот на Снеп ќе биде прикачен во делот на опцијата за разговор на апликацијата. За почеток, чет-ботот им е достапен само на претплатниците на премиум верзијата „Снепчет Плус“, но целта на компанијата е истиот да биде лансиран кај сите 750 милиони корисници на апликацијата.

„Големата идеја е дека, покрај тоа што секојдневно ќе разговараме со нашите пријатели и семејството, секојдневно ќе почнеме да разговараме и со вештачката интелигенција“, вели Шпигел за „Врџ“.

„My AI“ е опишана како побрза верзија на ChatGPT погодна за мобилни телефони, а главната разлика меѓу двата чет-бота е во тоа што верзијата на Снепчет е поограничена во однос на тоа што може да им одговори на корисниците. Чет-ботот на Снеп не дава одговори на прашањата кои вклучуваат пцости, навреди, насилство, ниту пак мислења на политички теми. Чет-ботот одбива да пишува и академски есеи на дадени теми, нешто поради кое ChatGPT сега е забранет во повеќе училишта и на универзитети низ светот.

За разлика од ChatGPT на „Опен АИ“, Снепчет својот чет-бот го третира како личност. Страницата на профилот на „Моја Ви“ изгледа како профилот на секој друг корисник на Снепчет, со свој аватар. Дизајнерите сугерираат дека чет-ботот е наменет да биде уште еден пријател во апликацијата на Снепчет со кој корисниците можат да се дружат, наместо само да бараат одговори на прашања и да пребаруваат.

Снепчет е еден од првите клиенти на новиот оддел на „Опен АИ“, наречен „Foundry“, кој им овозможува да компаниите да го користат најновиот модел на чет-ботот, GPT-3.5.