Шанса за Центар подготви мапа на јавни институции што горат фосилни горива

Фото: Шанса за Центар

Граѓанската иницијатива Шанса за Центар подготви мапа на јавни институции на подрачјето на Скопје и околината, кои кои склучиле договори за набавка на фосилни горива за затоплување на просториите. На листата се наоѓаат стотина објекти, од кои најголем дел се градинки, основни училишта и гимназии, а има и здравствени установи, казнени установи, општини, спортски сали, јавни претпријатија, студентски дом и други. Најголемиот дел од нив користат екстра лесно масло за домаќинства, мазут и огревно дрво.

Од иницијативата, од која проилегоа и независните советници во Советот на Општината Центар, велат дека на овој начин, со декларативни заложби и фрази за загриженост што ги расфрлаат големите партии, нема да се реши проблемот со загадувањето на воздухот.

„Загадувањето доаѓа од многу страни и потребни се многу пристапи. За да им помогнеме на институциите ги мапиравме јавните објекти кои се греат на мазут и екстра лесно масло за домаќинство. Мазутот е исклучително „валкан“ енергенс, но не е за потценување ниту екстра лесното гориво“, велат од Шанса за Центар.

Активистите сметаат дека за да се промени начинот на греење кај домаќинствата е потребно повеќе време, напор, работа со граѓаните и пред сѐ прифатливи алтернативи за нив. Сепак, за да се промени начинот на греење кај институциите потребна е главно политичка волја и одлучност и таму да се насочат сериозни пари од оние кои граѓаните ги уплаќаат во буџетот.

„Според договорите за јавни набавки за една сезона може да се изгорат над 2,7 милиони литри нафта за домаќинство. Неколку установи зимава ќе изгорат стотици илјади килограми мазут, а во скопската котлина една јавна установа ќе изгори и 550 тони јаглен за загревање. Ова е причина повеќе, покрај другите мерки, и да се продолжи со проширувањето на мрежата за парно греење на која треба да се приклучат сите јавни институции кои имаат пристап до неа“, пишуваат од Шанса за Центар.