Шаќири апелира во продолжениот распуст да се почитуваат мерките против ковид-19

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Фото: МОН, 18 јануари 2022

Новиот министер за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска на прес-конференција апелираше до учениците, родителите, наставниците за време на продолжениот распуст максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19.

„Со цел да го сочуваме јавното здравје и здравјето на нашите најблиски, повикувам на свесност и одговорност за да го спречиме ширењето на заразата. Апелираме до родителите, наставниците и учениците и за време на продолжениот распуст максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19, во домашни услови и на отворено”, рече Шаќири.

Зимскиот распуст за учениците и средношколците од основното и средното образование требаше да заврши утре, но ќе продолжи до крајот на месецов, а второто полугодие ќе почне на 1 февруари

Министерот истакна дека одлуката нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни како што е предвидено во календарот за наставната програма за основно и средно образование, со соодветна адаптација на наставните планови.

Министерот за образование и наука порача и дека дека следниот период ќе се искористи за евалуација на системот за учење од далечина како и ефектите и постигнувањата од истиот.

Шаќири информираше и дека по вчерашната одлука на Владата за продолжување на зимскиот распуст и одложување на почетокот на второто полугодие за основците и средношколците, Министерството за образование и наука (МОН) заедно со Бирото за образование (БРО), веќе работат на прилагодување на наставните планови за скратеното второ полугодие на учебната година.