fbpx

Сензационализам и шпекулации во српски „Блиц“ – македонската влада демантира тајни врски и црни фондови меѓу Заев и Харадинај

-

Македонската влада демантира дека премиерот Зоран Заев и поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај имаат тајни врски и црни фондови за потплатување на политичари во Брисел“, како што деновиве (06.08.2019) објави српскиот весник „Блиц“ повикувајќи се на неименуван извор, „дипломат од Приштина“.

Владата во Скопје одговори на барањето на Мета.мк за коментар на наводите пласирани во српскиот весник „Блиц“, кои ги пренесоа и дузина други српски медиуми, меѓу кои и Б92 и агенцијата Танјуг. Како и обично, ваквите тврдења, без да ја проверат вистинитоста или да побараат реакција, ги објавија и редица македонски медиуми.

Од македонската влада одговорија дека станува збор за „апсолутни невистини кои не се корисни за добрососедските односи во регионот“.

Оттаму додаваат дека ниту една медиумска дезинформација и манипулација нема да ја спречи државата да продолжи да развива блиски и пријателски односи со земјите од регионот.

„Тоа подразбира блиска соработка со владите од соседните земји, согласно домашното и меѓународното право, а во интерес на трајниот мир, стабилноста, регионалната соработка и просперитетот на регионот и сите граѓани“, се вели во одговорот.

Во текстот објавен во вторникот (06.08.2019) на насловната страна на весникот „Блиц“, новинарките Жељка Јевтиќ и Бојана Богосав повикувајќи се на дипломатски извори од Приштина, тврдат дека македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај се блиски соработници, имаат договор за контрола на работите во Македонија, но и создавање црни фондови кои треба да служат за плаќање на политичари од Брисел, но и од Грција, со цел на секој можен начин да се ублажи стопирањето на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО“.

Понатаму се додава дека „за оваа цел, македонските власти добиле на подарок два милиони евра, наменети за одделни грчки политичари, чија задача е да зборуваат низ ЕУ дека немаат ништо против влезот на Македонија во ЕУ“. Но, ваквото обвинение не е потврдено со никакви докази.

Во написот пишуван во сензационалистички манир се тврди и дека Заев и Харадинај „не се сретнувале само како премиери, туку на некои средби биле и нивните браќа Вице Заев и Даут Харадинај“:

Во написот уште се вели дека Заев и Харадинај договориле и финансирање на македонски старешини од албанска националност да одат на Косово, а од друга страна и да се школуваат офицери на војската на Косово на академијата во Скопје.

За сите овие тврдења весникот не посочува прецизни извори и не нуди докази за да ги поткрепи наводите кои на јавноста ѝ ги сервира како да се стопроцентна вистина. Текстот искажува многу сериозни обвинувања, а се повикува само на анонимни извори, без да ги лоцира поконкретно користејќи воопштена формулација: „Блиц“ дознава од дипломатски кругови во Приштина“. Но, нејасно е кои се тие „кругови“?!

Паѓа в очи и дека написот од почеток до крај ја држи само едната страна.

Приказната е раскажана само од еден агол, во неа го нема мислењето и на оние кои се обвинуваат, а не се забележува ниту дека воопшто е направен некаков обид да се добие нивниот став по однос на изречените напади.

Впрочем, тенденциозноста е видлива уште во изборот на бомбастичниот наслов со кој се соопштува „спектакуларното откритие“:

„ОТКРИВАМЕ: Харадинај и Заев ги спојуваат ТАЈНИ ВРСКИ И ЦРНИ ФОНДОВИ, а во бизнисот се вклучени и нивните браќа“ (OTKRIVAMO Haradinaja i Zaeva spajaju TAJNE VEZE I CRNI FONDOVI, a u poslove su uključena i njihova braća).

На самиот крај на текстот се посочува дека Заев се врзува и со бизнисот со марихуана, односно со производството на лекот од канабис, па во тој контекст се вели:

„Според неофицијални информации токму Заев е еден од оние кои го развил овој бизнис, а две од осум фирми со лиценца, преку свои луѓе контролираат браќата Заеви“.

Во врска со овие наводи од владата велат дека одгледувањето канабис за медицински цели е законско решение и согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции дозволено е одгледување на канабис во медицински или научни цели. Меѓутоа додаваат дека досега се издадени 27 лиценци за производство на канабис во медицински цели.

„Сите правни лица кои сакаат да добијат дозвола мора да обезбедат заштита на земјоделските култури, дваесет и четири часовна безбедност високи стандарди за изградба на лабораторијата и неговата опрема“, велат од владата и додаваат дека сите 27 компании кои се лиценцирани за производство на канабис за медицински цели ги исполнуваат законските услови и стандарди.

На конкретното прашање за појаснување во однос на тврдењето на „Блиц“ за бизнисот со марихуана, поточно, поконкретено  дали има вистина во тврдењето дека две фирми за производство на лекот од канабис преку свои луѓе контролира семејството Заеви“, од Владата кусо ни одговорија да се обратиме до приватните компании.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...