Секој петти влекач е пред опасност од истребување

фото: Gaetano Cessati на Unsplash

Студија со која била направена сеопфатна проценка на 10.000 животински видови покажала дека на секој еден од пет влекачи му се заканува истребување, пишува „Би-би-си“.

Научниците бараат итна акција за зачувување на желките и крокодилите кои се во особено тешка ситуација и велат дека влекачите долго време биле занемарени во зачувувањето, бидејќи се сметале за „помалку харизматични“ од животните со крзна и пердуви. Досега изумрел 31 вид рептили. Истребување им се заканува на повеќе од половина од крокодилите и на две третини од желките.

Поради проблеми со финансирање, биле потребни 15 години да се заврши студијата објавена во британското списание „Нејчр“ (Nature).

Истата покажува дека 21 процент од видовите влекачи се загрозени, што претставува ниво на загрозување повисоко од она на птиците, но пониско отколку кај цицачите и водоземците. Влекачите се загрозени низ целиот свет, но особено во југоисточна Азија, Западна Африка, северен Мадагаскар, северните Анди и Карибите.

Најголеми фактори кои ги „влечат“ рептилите кон истребување се уништувањето на живеалиштата поради проширувањето на обработливото земјиште, но и урбаниот развој, сечата на дрва, ловот и климатските промени.

Научниците велат дека рептилите играат суштинска улога во рамнотежата на животот. Тие се надеваат дека со оваа студија ќе помогнат да се забави истребувањето на влекачите како морската желка и гавијалот.

„Влекачите се добри за луѓето бидејќи помагаат во контролата на штетниците како што се инсектите и глодарите“, вели професорот Блер Хеџис од Универзитетот Темпл во Филаделфија, САД.

При презентацијата на студијата, авторите ја истакнале потребата од нов светски договор за запирање на истребувањето. Претстојниот самит за биодиверзитет што ќе се одржи во Кунминг, Кина, ќе биде клучен во обидите да се запре загубата на биолошката разновидност, додава „Би-би-си“.