Се зголемил бројот на мршојадци во земјава, но отровите и понатаму ги демнат

Фото: Македонско еколошко друштво

Бројот на парови од белоглавиот и египетскиот мршојадец, кои се гнездат во С. Македонија се зголемил. Годинава, Македонското еколошко друштво пребројало десет парови белоглави мршојадци, за разлика од 2018 година, кога биле само шест. Бројките на гнездечки парови на египетскиот мршојадец, пак, веќе три години се стабилни и не е регистрирана загуба на ниту една двојка. Во земјава има 12 парови и тие годинава имаат осум млади.

„Ова се многу добри вести. Бројките се многу далеку од тие што ги посакуваме, бидејќи од седум млади во просек само едно достигнува полова зрелост. Толку е тешко да се кренат бројките, но позитивни сме и одиме напред со мали победи“, вели Ненад Петровски од Македонското еколошко друштво.

Се проценува дека на Балканот има околу 100 возрасни мршојадци, бројка која укажува дека балканската популација конечно почнува да се стабилизира, што беше и една од главните цели на проектот BalkanDetox Life.

Во светот, првата сабота во септември се одбележува како Меѓународниот ден на мршојадците. Кај нас годинава се одбележа во Демир Капија, каде беше отворен мурал на египетски мршојадец на зградата на основното училиште, а птиците добија и своја винска етикета и станаа дел од Музејот на виното.

Фото: МЕД

И годинава, на овој ден, треба да се потенцира дека незаконското користење отров и понатаму претставува најголемата закана за опстанокот на овие птици, не само во С. Македонија туку и на целиот Балкански полуостров, а неказнувањето е една од најголемите причини што овие активности многу тешко се спречуваат. Проценката е дека во последните 20 години на Балканот настрадале околу 2.300 мршојадци, а кај нас оваа пракса доведе до целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец.

Изминатите години Македонското еколошко друштво многу работеше на надминување на опасностите од труење на птиците преку употреба на отрови во природата. Само за една година имаше два сериозни инциденти, со кои можеше многу лесно да се збрише целата популација на мршојадци, не само во земјава, туку и на Балканот.

Од таму велат дека, во рамките на BalkanDetox Life, работат на едуцирање на локалното население и им помагаат да ги надминат конфликтите со дивите животни без да се загрозува нивниот опстанок. Посочуваат дека соработуваат и со државните институции за утврдување на стандардни оперативни процедури на постапување и на зајакнување на нивните капацитети за решавање на овие случаи кои претставуваат еколошки криминал. За таа цел, во моментов МЕД работи на доопремување на лабораторијата на Факултетот на Ветеринарна медицина за токсиколошки анализи на отруените птици, која ќе биде единствената во земјава што ќе има услови да ги работи.

„Веќе две години работиме на континуирана прихрана на мршојадците на две хранилишта со цел да се обезбеди пристап до безбедна храна. Така сме сигурни дека птиците нема да се отрујат, а од друга страна и дека ќе бидат редовно нахранети, особено приновите. Се надеваме дека така ќе допринесеме и да се зголеми стапката на преживување на младите мршојадци“, вели Петровски

Црниот мршојадец и брадестиот мршојадец се истребени од целиот Балкан освен од Грција. Бугарија последните години прави напори за враќање на црниот мршојадец во дивина, а како резултат на тоа и ние во Македонија, после пауза од две децении, регистрираме прелет на овие птици над нашата тероторија. Брадестиот, кој сега гнезди само на островот Крит, во Македонија бил присутен до пред дваесетина години, кога угинала последната птица.

„И ние исто така планираме реинтродукција на мршојадци, но на белоглавиот, бидејќи тие се почести и помалку загрозени во светски рамки. Сакаме да процениме дали и колку поголем број на птици ќе издржат во земјава. Понатаму ќе размислуваме истото да се направи и со црниот“, вели Петровски.