Се укинуваат најпопуларните FPS пукачки игри и се заменуваат со нивните продолженија

Гејмерите шпекулираат дека првите делови од игриве се затвораат за фокусот на играчите да биде на продолженијата

Credits Image from The Battlenet launcher Blizzard Entertainment
Image from The Battlenet launcher Blizzard Entertainment

Најпопуларните FPS пукачки игри се укинуваат и се заменети со нивни продолженија. Станува збор за омилените игри со пукање како „Counter-Strike“ (Кантерстрајк), „Overwatch“ (Овервач) и „Call of Duty“ (Кол оф Дјути). Оваа појава почна од Овервач со излегувањето на Овервач 2 која беше како голем пач за првата верзија на играта, a сe протна како втор дел после многу перипетии и премислувања на „Близард“ за тоа како да ја пласираат. Мора да се напомене дека имаше афера со прислушување на гласовните муабети на играчите – со оправдување дека тоа е на сила за да се банираат “токсичните играчи” односно оние што навредуваат и шират говор на омраза. Исто така, ветија и „сингл плејер“ за играта и направија еден куп измени, но одлучија да постои само Овервач 2.

Кантерстрајк 2 излезе неодамна, но за жал и „Valve“ (Валв) ја преземаа истата формула на „Близард“, па веќе не постои „CS:GO“ (Counter-Strike: Global Offensive) – најиграната верзија на играта. Фидбекот од гејминг заедницата е дека новата Кантерстрајк 2 не е ни блиску до привлечен гејмплеј и драж каква што имаше CS:GO. Иако на помладите играчи ова им е „најдоброто наредно нешто“, ветераните се бунат дека СS2 е многу полоша од првиот дел, што технички ја прави втора во “еволуцијата на Кантерстрајк игрите”.

Првата верзија беше онаа што се играше по играчници кај нас, а беше започната како мод за „Half-Life“ (Халфлајф). Сепак, „CS:GO“ беше “кошница од пчели” за хакери до таа мера што беше постојано хакирана бидејќи имаше и нелегален софтвер за хакирање на играта што поголем дел од гејмерите го купуваа – барем оние што не играа фер.

„Call of Duty“, иако е прескапа, успеа да ја задржи „мултиплејер бетл ројал“ верзијата од играта и покрај честите “нови делови” што ја надополнуваа „Warzone“ (Варзон), но сега најновата верзија е во бета и ако платите 100 долари може да ја играте пред време.

Играта функционира така што се купуваат „сингл плејер“ мисиите и деловите, што ви дава нови скинови на „Warzone“. Оваа игра, и покрај тоа што е глобално позната, бара навистина скап компјутер што повеќето гејмери ширум светот не можат да си го дозволат. Исто така, „батлпасовите“ за играта ветераните ги завршуваат за една седмица и сè што им останува е да им помагаат на други да ги завршат квестовите и мисиите кои се претешки за почетниците.

Во моментов во играта дури и се продава колекција во која е вклучен и „one shot Sniper“, кој може да се добие само ако го земете со платежен „бандл“ во склоп со други додатоци и скинови.

Во „Warzone“ досега немаше вакво оружје, иако случајот со „Кантерстрајк“ беше поинаков, бидејќи од старт и со најосновниот снајпер можеше да се постигне „хедшот“ и “да се убие противникот со еден куршум.”

Во моментов и „Call of Duty“ се претвара во „Fortnite” – постојано нудејќи секакви скинови, од кои поновите се и од Лилит и Инариус од „Диабло 4“, потоа скин да играте со Снуп Дог, како и многу други скинови за „операторот“ – вашиот лик во играта. Да не спомнуваме дека играчите што играат на конзола како Плејстејшн 5 имаат „Auto-aim“ што автоматски таргетира непријатели во глава, што е нефер предност кон PC гејмерите што нишанат со маус.

Гејмерите шпекулираат дека првите делови од игриве се затвораат за фокусот на играчите да биде на продолженијата. Но, ние би оделе еден чекор понатаму – со претпоставки дека подоцна ќе ги вратат и првите делови – на исфорсирана “желба на играчите” и дека ќе одат по формулата што им функционира одлично за профит, исто како „World of Warcraft Classic“ на „Близард“ со римејк или ремастер на минати делови од игрите.

Единствена друга игра што и не е пукачка, а нема да ја следи оваа формула е „RPG хак-ен-слеш“ играта „Path of Exile 2“ (Патот на егзилот). Оригиналната „Path of Exile“ и понатаму ќе може да се игра бесплатно. Играта опстојува добро и преку микротрансакции. RPG игрите всушност ја почнаа реактуализацијата на постари содржини преку римејк или преку римастер. Останува да видиме дали и FPS пукачките игри ќе го преземат овој тренд во иднина.