Сè што треба да знаете за субвенционираниот оброк за студенти што ќе стартува од октомври

Извор: Министерство за образование и наука

Од октомври годинава субвенциониран студентски оброк од 2.400 денари ќе добијат 40.000 студенти од земјава, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН). Оваа месечна сума на средства ќе им биде достапна на сите редовни студенти запишани на државните, но и на приватните универзитети во земјава. Право на користење ќе имаат единствено студентите на додипломските студии.

Од МОН објаснуваат дека правото на субвенциониран оброк за студентите ќе се оствари преку аплицирање, при што сите заинтересирани лица треба да ги задоволат следниве критериуми: да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци, да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

Откога ќе се стекнат со овие субвенции, средствата на студентите ќе им се уплаќаат директно на нивните трансакциски сметки. Притоа, со стекнатите средства што ќе гi уплати државата, ќе може да се плаќа кај било кој трговец. Од МОН објаснуваат дека со законските измени се овозможува оброците на студентите да се обезбедуваат и од продавници, а не само од угостителските објекти. Притоа, препораката до студентите е месечните средства да бидат наменети за набавка на храна.

Проценките на МОН се дека субвенционираниот оброк ќе го користат околу 40.000 студенти. Притоа, на годишно ниво се обезбедени околу 15 милиони евра.