Се подготвуваат измени на Законот за високо образование, но нема официјални информации што ќе се менува

Фото: Мета.мк, архивска фотографија

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред неколку месеци покренал иницијатива и повикал професори од високото образование да дадат свои предлози и идеи за измена на Законот за високо образование, потврди Министерството за образование и наука. Засега, оттаму не соопштуваат детали околу тоа што точно ќе се менува иако информираат дека во моментов експертска група ги анализира веќе доставените предлози.

„Сите чинители на високообразовниот систем во државата требаше да поднесат свои предлози, идеи и сугестии за измена на Законот за високото образование, со цел негово подобрување, а заради обезбедување на повеќе и подобри можности за студентите, наставно – научниот кадар“, велат од МОН.

Од министерството додаваат дека сите издржани измени, во сумиран документ ќе бидат проследени до Владата, a тогаш ќе може да се споделат повеќе информации. Потоа и ќе бидат внесени во парламентарна процедура на конечна дискусија и усвојување.

Во меѓувреме, во академската фела се зборува за овие измени, а има професори кои реагираат за нетранспарентност и велат дека измените се подготвуваат зад затворени врати, без јавна расправа. Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Тони Десковски, на својот профил на Фејсбук, меѓудругото напиша:

„Kога Сенатот на УКИМ (во кој членувам) расправал за ваквата иницијатива? Дали можеби Ректорската управа на УКИМ расправала за иницијативата? Наставно-научниот совет на Правниот факултет исто така не расправал за оваа смешна иницијатива. Не сум чул ниту за еден факултет од УКИМ, каде на наставно-научниот совет се расправало за вакви иницијативи“, напиша професорот Десковски.

Инаку, како што ни одговорија во МОН, очекувањата се целиот процес на усвојување измени и новини, да биде заокружен до крајот на оваа календарска година.