Сали Бериша обвинет за корупција во Албанија, одземен му е пасошот

Бериша е осомничен во истрагата на обвинителството поради сомнеж за корупција при приватизацијата на спортскиот комплекс „Партизани“

Поранешниот премиер Сали Бериша е обвинет за корупција, одземен му е пасошот и доби забрана за патување во странство од страна на албанското обвинителство, пренесува Порталб.мк. Бериша има обврска редовно да се пријавува во полиција.

Бериша е осомничен во истрагата на обвинителството поради сомнеж за корупција при приватизацијата на спортскиот комплекс „Партизани“.

За истото прашање вчера беше уапсен и неговиот зет Џамарбер Малтези. Тој е обвинет за корупција и за перење пари.

Сали Бериша кој во моментов е жесток критичар на албанскиот премиер Еди Рама го опиша обвинението против него како неосновано и политички мотивирано за време на прес-конференцијата што ја организираше синоќа.

Обвинителството тврди дека Сали Бериша го користел своето влијание како премиер од 2005 до 2009 година за да изврши притисок врз завршувањето на процесот на приватизација во корист на други лица, вклучително и сопругот на неговата ќерка.