САД и Британија соборија ракети од досега најголемиот воздушен напад на Хути во Црвеното Море

Иако првичната цел на хутиевските напади била да се спречат ресурси да стигнат до Израел, во последните недели нападите таргетираа секакви бродови, блокирајќи ја светската трговија

Фото: Израелски брод во Црвеното Море IDF Spokesperson's Unit

Американски и британски сили соборија ракети лансирани од Хутите во Црвеното Море, известува Гардијан. Не се забележани загинати лица.

Нападот на јеменската исламистичка група се смета за најкомплексниот досега откако таа почна да таргетира бродови во регионот по конфликтот во Газа.

Како последица на напади на Хути, најголемите шпедитерски фирми ги пренасочуваат своите бродови да кружат околу Африка наместо да одат преку Суецкиот канал и Црвеното Море, што сериозно влијае на цените и навременоста на светската трговија.

Нападите на јеменската група беа извршени со цел да се поддржи Газа, односно, тие таргетираа бродови кои сметале дека носат гориво и други ресурси во Израел. Но, нивните напади изминатите недели стануваат сè понеселективни, таргетирајќи секакви бродови.

Зачестеноста на нападите ги зголемува шансите за посериозна инволвираност од американски и британски сили. Според Гардијан, САД и Британија планираат формално да ги предупредат Хути дека, доколку продолжат нападите, тие ќе нападнат воени цели во Јемен.

„Обединетото Кралство, заедно со своите сојузници, јасно се изјасни оти овие нелегални напади се целосно неприфатливи и дека, доколку продолжат, Хути ќе ги сносат последиците. Ќе преземеме тоа што е потребно за да се заштитат невини човечки животи, како и глобалната економија“, изјави министерот за одбрана на Обединетото Кралство, Грент Шапс.

Во декември, САД најави дека формира меѓународна поморска воена коалиција за справување со нападите, наречена Операција „Чувар на напредокот“. Вклучени се 11 земји, меѓу кои Британија, Грција, Канада, Норвешка и Холандија, а има и дополнителна вклученост од 10 анонимни земји.

Истовремено, Иран одбиваат да ги осудат нападите и ги нарекуваат „храбри чинови против израелскиот режим“. Техеран одбива да изјави оти ги финансира Хутите, како што многу дипломатски експерти сметаат, но велат дека поддржуваат секакви инцијативи кои се борат за палестинска слобода.