Русија ја започна војната во Украина и нејзина е одговорноста за цивилните жртви

Бројот на жртви, како во вооружениот конфликт кој што започна во 2014 година, така и во воената инвазија што во последната година и половина ја врши Русија е огромен. Многу е погрешно за тоа да се обвинуваат НАТО и ЦИА, кога и двата конфликта ги започна Русија

Фото: Укринформ

Околу 13.000 луѓе беа убиени, од кои една четвртина цивили, а околу 30.000 беа ранети во војната во источна Украина од избувнувањето во април 2014 година до 2019 година. Дополнително, од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, заклучно со 13 август 2023 година, потврдени се вкупно 9.444 смртни случаи на цивили. Бројот на жртви е огромен и многу е погрешно за тоа да се обвинуваат НАТО и ЦИА, кога и двата конфликта ги започна Русија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук, која служи како повик за донации за локалното население во Донбас, манипулира со јавноста и споделува невистини. Неточно се тврди дека убивањето, тероризирањето и измачувањето цивили се прави со поддршка на НАТО, кога, всушност, воените напади и во 2014 и во 2022 година, поради кои гинат цивили, ги започна Русија.

Во објавата пишува:

Откако NATO, CIA и “Длабоката држава” започнаа необјавена освојувачка војна кон Русија и геноциден егзодус на рускиот и украинскиот народ, со продолжување на операција “Гладио” попозната како “Мајдан”, изгинаа и пострадаа многу цивили, мирни жени, деца и старци…беа бомбардирани и ракетирани долги девет  години…

Тоа продолжува и денес. На фронтовите во Донбас; Фашистичките милиции и нацистичките гарнизони, подржани и организирани од сатанистичката ударна тупаница NATO сеуште убива, тероризира и измачува цивили. За воља на вистината, во последно време, повеќе тероризираат браќа Украинци. Затоа што веќе не се во состојба да тероризираат Руси.

Слава му на Бога и Русија што тоа е така.

Но борбите и маките на локалното население продолжуват, тие се најпогодени.

Вратени се во 19 ти век. Потребна им е помош во храна, медикаменти, средства за стерилизација и  хигиена.

Објавата тенденциозно шири неточни информации за тоа кој ја има одговрноста за загинувањето на илјадници лица, особено цивили во Донбас. Имено, во неа се тврди дека конфликтот којшто се случува на украинска територија е освојувачка војна на НАТО, ЦИА и „Длабоката држава“ кон „Русија и геноциден егзодус на рускиот и украинскиот народ“. Се тврди дека тие се виновни за загинувањето на многу цивили во бомбардирањата, како за време на претходниот конфликт од 2014 година, така и сега кога Русија ја нападна Украина.

Но, тоа не е вистина. Реалната ситуација е дека жртвите, како воените така и цивилните не загинаа поради НАТО, туку поради Русија.

Вооружениот конфликт во источна Украина започна во 2014 година. Во текот на осум години, украинските владини сили се бореа со сепаратистите поддржани од Русија за контрола над поголемиот дел од двата силно индустријализирани региони Доњецк и Луганск, познати и како Донбас. Жестоките битки во 2014-2015 година завршија со окупирање на една третина од територијата на регионите, нејзиниот најурбанизиран дел, од две руски прокси држави, самонаречените Народни републики Доњецк и Луганск. Помеѓу септември 2014 и февруари 2015 година, Русија, Украина, Франција и Германија потпишаа неколку верзии на таканаречените договори од Минск, кои на крајот го запреа движењето на војниците и значително ги намалија борбите. Но, договорите никогаш не беа целосно спроведени, а борбите се трансформираа во рововска војна. Војната ја уништи економијата и тешката индустрија на областа, принуди милиони да се преселат и ја претвори зоната на конфликтот во една од областите со најмногу мини во светот.

Сепаратистичките бунтовници почнаа да се појавуваат во источна Украина набргу откако Русија го нападна и анектираше Крим, каде што наводните кримски сепаратисти, всушност се покажа дека се неозначени руски специјални сили. Тие зазедоа градови како Славјанск и Доњецк, во источниот регион познат како Донбас. Сепак вистината е дека бунтовниците беа вооружени и поддржани од руската влада, што е спротивно од она што се тврди во Фејсбук објава.

Русија негира дека извршила инвазија, но доказите се спротивни: на 15 август 2014 година, Украина соопшти дека нејзината војска наишла на руски тенкови кои ја минуваат границата; на 16 август, водачот на бунтовниците поддржани од Русија објави дека примил 1.200 војници од Русија; на 21 август, сателитски снимки забележаа руска артилерија како ја преминува границата за да пука врз украинските сили; на 26 август, некој во Украина снимил видео како руски тенкови упаѓаат итн.

Повеќе за директната воена и политичка вклученост и поддршка на Русија за време на овој конфликт може да прочитате тука.

Сето ова резултираше со многу жртви. Според извештаите на Обединети нации, околу 13.000 луѓе беа убиени, од кои една четвртина цивили, а околу 30.000 беа ранети во војната во источна Украина од избувнувањето во април 2014 година до 2019 година. Проценетиот биланс вклучува повеќе од 3.300 загинати цивили, соопшти Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (ОХЦХР) во документ од 25 февруари.

ОХХР го проценува вкупниот број на жртви поврзани со конфликтот во Украина… на 40.000 – 43.000 од 14 април 2014 година до 31 јануари 2019 година, вклучувајќи 12.800 -13.000 убиени, се вели во соопштението на ОХЦХР.

Проценетиот биланс на загинатите ги вклучува и 298 патници и членови на екипажот кои загинаа при соборувањето на летот MH17 на Малезија Ерлјанс на 17 јули 2014 година на пат од Амстердам до Куала Лумпур.

Тековната војна донесе уште повеќе жртви

На 24 февруари 2022 година Русија започна воена акција во Украина, при што руските сили преминаа во земјата од Белорусија на север, Русија на исток и Крим на југ.

Претседателот Путин рече дека станува збор за „специјална воена операција“ наменета да го заштити народот на Донбас и да ја „демилитаризира и денацизира Украина“. Тој негираше дека Русија планира да окупира украинска територија или да „наметне нешто некому со сила“.

Меѓутоа, последната година руските сили спроведуваа целосен инвазија врз земјата.

Во изминатата година и половина, Русија изврши стотици напади, како воздушни така и копнени во кои загинаа (и сè уште гинат) и цивили. Во нападот којшто се случи во саботата (19.08.2023), најмалку седум лица загинаа, вклучително и шестгодишно девојче, а речиси 130 други се повредени откако руски ракетен напад погоди централен плоштад во северниот украински град Чернихив. Нападнат беше град кој се наоѓа блиску до руската граница и далеку од првите борбени линии, а погодни беа универзитет и театар, каде што се одржуваше настан во кој учествуваа производители на дронови. Ова девојче е едно од илјадниците жртви на оваа војна.

Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР) потврди вкупно 9.444 смртни случаи на цивили за време на руската инвазија на Украина заклучно со 13 август 2023 година. Понатаму, 16.940 лица биле пријавени како повредени. Сепак, ОХЦХР прецизираше дека реалните бројки може да бидат поголеми. Од овие, 4.976 лица загинале на територијата на Доњецк и Луганск, додека 8.825 биле таму повредени.

Вкупниот број на убиени или ранети украински и руски војници од почетокот на војната во Украина пред 18 месеци е близу 500.000, соопштија американските власти, што е неверојатен биланс додека Русија го напаѓа соседот и се обидува да заземе повеќе територии. Вистинските бројки на жртвите остануваат тешко да се проценат бидејќи се верува дека Москва рутински ги пребројува своите загинати и повредени од војната, а Киев не ги открива официјалните бројки.

Бројот на жртви, како во вооружениот конфликт кој што започна во 2014 година, така и во воената инвазија што во последната година и половина ја врши Русија е огромен. Многу е погрешно за тоа да се обвинуваат НАТО и ЦИА, кога и двата конфликта ги започна Русија.

Според горенаведените факти, заклучуваме дека оваа објава е невистинита.

 

hubmk