Фото: Арбнора Мемети

Денеска, во Кривичниот суд во Скопје, обвинителството и одбраната ги имаат завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на незаконското прислушување во Македонија во периодот од 2008 до 2015 година.

Обвинителката Ленче Ристоска пред судот објасни како се случувало прислушкувањето, како се ваделе материјали, кој имал пристап до системите. Имено, според обвинителството, незаконското прислушување се одвивало преку три системи за следење на комуникации во УБК, а станувало збор за 4.286 телефонски броја, за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Ристоска посочи дека не се работи за сценарио од филм, ниту за крими роман, туку за афера за која постојат материјални докази, а и искази на сведоци кои тоа го потврдиле.

Во однос на уништувањето на опремата за прислушкување, во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се 12 лица, вклучувајќи ги поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и 10 вработени во таа институција помеѓу кои и Горан Грујевски и Никола Бошкоски одамна се пребегани во Грција, која одби да ги екстрадира во Македонија. Судскиот процес започна на почетокот од 2018 година.

На претходното судско рочиште беше истакнато дека МВР во 2015 година ја проценило уништената опрема за прислушкување на 1 денар, но вештите лица ангажирани во случајот „Таргет-Тврдина“ рекоа дека вредноста на уништената опрема за прислушкување изнесувала над 1,4 милиони евра.