fbpx

Републиканците освоија тесно мнозинство во Претставничкиот дом во САД

-

Републиканската партија ја врати контролата на Претставничкиот дом во САД со тесно мнозинство, со што добиваат можност да му ја заматат агендата на претседателот Џо Бајден од Демократската партија, односно да започнат низа истраги против него, објави Асошиејтед прес (АП). Но, тесното мнозинство ќе значи голем предизвик за републиканците и ќе го искомплицира нивното владеење со домот, пишува АП.

Една недела по денот на изборите на средината на мандатот на администрацијата на Бајден, вчера републиканците го обезбедија 218-от мандат во Претставничкиот дом со што го добија мнозинството. Но, крајниот резултат најверојатно нема да биде познат уште неколку дена бидејќи во некои делови од земјата сè уште се бројат гласовите.

Во секој случај, како што пишува АП, републиканците се на пат да го остварат најтесното мнозинство на партијата во 21-от век, слично на 2001 година, кога имаа мнозинство од само девет места, 221-212 со двајца независни конгресмени. Тоа е многу помалку од огромната победа што ја предвидуваше Републиканската партија на среднорочните избори оваа година, кога партијата се надеваше дека ќе ја ресетира агендата на Капитол Хил преку капитализирање на економските предизвици и опднататата популарност на Бајден.

Наместо тоа, демократите покажаа изненадувачки резултати држејќи се до умерените, приградски области од сојузните држави како Вирџинија, Минесота и Канзас.

Резултатите би можеле да ги искомплицираат плановите на лидерот на Републиканската партија на Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, да стане спикер, бидејќи некои конзервативни членови се прашуваат дали да го поддржат или би наметнале услови за нивната поддршка.

Мекарти ја прослави победата на републиканците во Претставничкиот дом со порака на Твитер: „Американците се подготвени за нова насока, а републиканците во Домот се подготвени да го исполнат тоа“.

Актуелниот претседател на Претставничкиот дом Ненси Пелоси објави соопштение во кое се вели: „Во следниот Конгрес, демократите во Претставничкиот дом ќе продолжат да играат водечка улога во поддршката на агендата на претседателот Бајден – со силно влијание врз слабото републиканско мнозинство“.

Претседателот на САД, Џо Бајден му ја честиташе победата на Мекарти, велејќи дека е „подготвен да работи со републиканците во Домот за да се постигнат резултати за работничкте семејства“.

„Изборите минатата недела ја покажаа силата и издржливоста на американската демократија. Имаше силно отфрлање на негаторите на изборите, политичкото насилство и заплашувањето“, рече Бајден во соопштението. „Имаше нагласен став дека во Америка преовладува волјата на народот“.

Тој додаде дека „иднината е премногу ветувачка за да биде заробена во политичка војна“.

ИзворАП

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...