Реките ни се богатство, а ги уништуваме без никаква заштита, апелираат научници и екологисти

Фото: Архива на Мета.мк

Македонските реки да се вклучат во Емералд мрежата и на тој начин да добијат вистинска заштита, апелираат од организацијата „Еко свест“. Барањето за зачувување на речното богатство деновиве беше упатено од група на научници и невладини организациии од 11 земји, меѓу кои и земјите од Западен Балкан, потписници на Бернската конвенција. Тие објавија листа на 88 реки со кои треба да се прошири Емералд мрежата во регионот, и со тоа да добијат висок приоритет на заштита.

„Реките во нашата земја се под влијание на разни инфраструктурни проекти кои ги загрозуваат нив и ендемичните видови кои живеат во нив. Вклучувањето на реките во Емералд мрежата е неопходен чекор напред за да можеме да обезбедиме нивна заштита како наше природно наследство“, вели Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во „Еко свест“.

Како подрачје на значаен биодиверзитет, Западен Балкан може да се пофали со исклучителен речен диверзитет. Планините во регионот, реките, езерата и крајбрежјата се дом на бројни загрозени видови и значајни живеалишта од кои голем дел се ендемични видови кои не можат да бидат најдени на ниту едно друго место.

Во споредба со останатиот дел на Европа, голем дел од реките во регионот се во добра или недопрена природна состојба, што ги прави идеални кандидати за заштита според листата на приоритетни подрачја.

Листата на реки која се објави е резултат на семинарот посветен на Емералд подрачјата кој го организираше CEE Bankwatch Network во декември минатата година, на кој беа презентирани научни податоци за видовите риби и рибни живеалишта.

„Нашиот предлог, се заснова на сеопфатни научни знаења за популациите на риби во регионот, што е значаен придонес во овој процес. Наредниот чекор е да ги поддржиме властите во регионот да подготват и официјални предлози за нови Емералд подрачја,“ вели Андреј Ралев, координатор за заштита на биодиверзитетот, CEE Bankwatch Network.

Како потписници на Бернската Конвенција, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, во 2011 година го започнаа процесот на воспоставување на Емералд мрежата преку предлагање на мал број на локации. Од тогаш, ниту една од земјите нема предложено нова локација која треба да биде заштитена, а дополнително, најголем дел од нив немаат правна заштита во согласност со националното право, немаат соодветно управување, податоците сe нецелосни, а ресурсите се недоволни, што резултира со неефективна заштита на најголем дел од реките и рибната фауна.