Предметот Етика во религиите останува да биде дел од образовниот систем

Покрај предметот Етика во религиите, учениците можат да изучуваат програмирање, сликарство, театар, танци и народни ора, да изберат спортски активности, мултикултурни работилници, образование за животни вештини, градинарство и хортикултура

Фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Предметот Етика во религиите останува изборен предмет во наставниот план
за деветгодишното основно образование, за учебната 2023/2024 година, соопшти Министерството за образование и наука.

„Согласно Концепцијата за основно образование, што етапно се воведува, во
учебната 2023/2024 година освен задолжителни предмети има и два изборни
предмети – втор странски јазик и слободни изборни предмети. Бирото за развој на образованието позитивно одговори на барањето на Министерството за образование и наука, овој предмет да остане во системот на основно образование и да биде избор за учениците и родителите кои сметат дека оваа тема е соодветна за периодот од животот на децата кога тие се градат како личности и стекнуваат морални вредности“, информираат од МОН.

Концепцијата за основно образование предвидува широка понуда на изборни предмети што произлегуваат од искажаните интереси на учениците и се насочени кон развивање на нивните потенцијали и зголемување на задоволството на учениците од престојот во училиште.

Покрај предметот Етика во религиите, учениците можат да изучуваат програмирање, сликарство, театар, танци и народни ора, да изберат спортски активности, мултикултурни работилници, образование за животни вештини, градинарство и хортикултура и други.