Предложени зелени амандмани за подобрување на урбаното зеленило и планирање во Скопје

Проектот насловен „Повеќе зеленило за урбаното Скопје“ има за цел да се бори против топлинските острови, да го намали загадувањето и да го подобри севкупниот квалитет на животот во градот

Рушење на објекти на просторот на фабриката „Треска“, 6 јули 2023 година; Фото: Мета.мк

На денешната јавна расправа што се одржа во Советот на град Скопје беа презентирани сет од предлог-законските измени за урбано зеленило, за урбанистичко планирање и за градење со соодветните правилници.

Лилјана Поповска од Зелениот институт рече дека предложените измени биле развиени преку заеднички напор во кој биле вклучени различни засегнати страни како што се Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, органите на локалната самоуправа, Градот Скопје, општините Скопје и ЈП Паркови и зеленило, со вклученост на граѓанските организации, меѓу кои и „Флорозон“ и „Македонско женско лоби“, кои исто така ги здружиле силите во оваа мултисекторска иницијатива.

Амандманите се однесуваат на неколку клучни аспекти, рече Поповска. Прво, тие имаат за цел да ја зголемат површината на урбаното зеленило во станбените блокови преку идентификување на деградирани области погодни за зазеленување, развивање на хортикултурни планови и спроведување иницијативи за садење дрвја.

Покрај тоа, ќе се направат напори за воспоставување и одржување на урбаното зеленило кое е отпорно на климатските промени. Ова вклучува обновување на расадниците под управување на ЈП „Паркови и зеленило“, како и програми за обука на вработените за садење и грижа за видовите отпорни на климата.

Од денешната јавна дебата во Советот на град Скопје; Извор: Мета.мк

Со предложените измени кои Поповска ги презентираше се бара и усогласување на законската рамка со која се уредува урбаното зеленило и урбанистичкото планирање. Ова подразбира усогласување на терминологијата и дефинициите низ законите и прописите, воведување нови термини како „урбана градина“ и „зелен покрив“, како и  зголемување на казните за непочитување и оштетување на зелените површини. Измените ја нагласуваат важноста на зелената инфраструктура како средство за борба против климатските промени и промовирање на одржлив развој.

За да се обезбеди ефективна имплементација, експертска група составена од претставници од различни професии и средини спроведе опсежно истражување и анализа. Нивните наоди ја истакнаа потребата од поголема координација и усогласеност со постојните закони, урбанистички планови и регулативи.

Предложените измени имаат потенцијал значително да ја подобрат урбаната средина на Скопје, да го ублажат ефектот на урбаниот топлински остров, да го намалат загадувањето и да ја подобрат целокупната благосостојба на неговите жители. Со поттикнување на соработката меѓу владините институции, академската заедница, граѓанското општество и јавноста, проектот има за цел да создаде позелена и поодржлива иднина за Скопје и неговите општини, истакна Лилјана Поповска во својата презентација.

Случаи на изигрувања на штета на зеленилото во Скопје

Следната говорничка на јавната дебата беше Ана Петровска, експерт за животна средина и планирање на просторот. Нејзината презентација се состоеше од анализа на урбанистичките планови, како и од конкретни примери за тоа како зеленилото континуирано се намалува во урбаните простори на државата.

Според Петровска, еден од клучните проблеми кој доведува до овозможување на кратењето на зелените површини е неусогласеноста на Законот за урбано зеленило и правилникот за урбано планирање. Постојат несогласности при дефинирањето на класите на намени на парцелите како и при дефинирањето на различните видови зеленила. Непрецизни се и нормативите за застапеноста и достапноста на зеленилото.

Петровска посочи и на еден од поважните механизам кој се користи при кратење на зеленилото. На пример, според член 22 од Правилникот за просторно и урбанистичкото планирање (2006), градежна парцела со намена Д – класа која опфаќа различни видови намени поврзани со зеленило – не смее да се замени со изградба на објект со намена од друга класа, односно градежна парцела чија главна намена не е поврзана со зеленило.

„Во 2015-та година, покрај тоа што било децидно нагласено дека нема пренамено на земјиште со намена Д1, протнале исклучок,“ нагласува Петровска. Според измената, „за намена B може да се формира градежна парцела на земјиште за општа употреба со изведена или планирана намена Д, само во случаевите кога се работи за централно градско јадро со определена граница“.

Таа ова го кажа во контекст на изградбата на зградите кај хотелот „Бристол“ околу Градскиот ѕид, како еден од случаите на кратење на зеленилото во Скопје.

„Како се случи ова? Некој некаде одлучил дека тоа зеленило никому нема треба. Одлучил дека тука треба некаков бетонски објект да никне “ дополнува Петровска. Овој конкретен механизам бил употребен при намалувањето на зеленилата не само за зградите околу Градски ѕид, туку и за случаите Сити мол и Настел во Карпош.

Како дополнителни причини за загуба на зеленило, Петровска ги истакнува предвидувањето на помалку од 20 отсто зеленило на ниво на градежна парцела, спротивно од законот и узурпацијата на јавните простори со дивоградби.

Нејзините предлози за законски измени вклучуваат: усогласување на дефинициите и категориите на урбаното зеленило како и стандардите и нормативите за урбаното зеленило, утврдување обврска во Законот за градење за утврдување минимален процент на урбано зеленило на градежна парцела со извод од урбанистички план пред добивање одобрение за градење. Дополнително, таа апелираше за дефинирање на начинот на користење и ажурирарње на Зелениот катастар во урбанистичкото планирање, како и утврдување обврска за барање на мислење или извод од Зелениот катастар пред добивање одобрение за градење.

Во скопскиот Зелен катастар се впишани и бандери

Повеќе за Зелениот катастар во Град Скопје на јавната дебата зборуваше Кирил Ристовски, претседател на организацијата Флорозон.

Објавен во 2019 година во соработка со УНДП, Зелениот катастар претставува детален запис на зеленила, со цел да се олесни ефективното управување и планирање со животната средина. Во него се идентификувани и нумерирани секое дрво и грмушка – досега се забележани преку 105.000 дрвја и преку 65.000 грмушки. Но, Ристовски посочи дека Зелениот катастар е полн со погрешни и некомплетни информации.

„Имаме означување на грмушки како дрва и обратно. Имаме снимање на одредени точки два пати. Изместување на координатите на некои точки, особено за поголеми дрва. Означување на дрвени столбови за електрична телефонска мрежа како дрва. Означување на треви и други растенија како грмушки“, наведе Ристовски како дел од грешките.

Смета дека овие грешки се настанати како последица на отсуството на стручен кадар при иницијалното формирање на Зелениот катастар.

Има делови од главниот град кои не се воопшто покриени со Зелениот катастар. На пример, во скопската општина Шуто Оризари воопшто не е попишано зеленило во катастарот.

Како проблем се јавува и нередовното ажурирање на податоците на катастарот. Овој проблем се отсликува и во употребата на сателитски снимки стари шест години. Оваа состојба е последица и на нејаснотиите околу тоа кој е надлежен за Зелениот катастар – дел од одгворностите паѓаат на Град Скопје, а дел на општините на Град Скопје.

Зелениот катастар исто така не е директно достапен онлајн ако корисникот нема директен пристап до нејзината УРЛ адреса.

Препораките на Ристовски за подобрување на состојбата на Зелениот катастар и неговата употреба се состојат од: назначување на одговорно претпријатие за Зелениот катастар, континуирано финансирање и закон кој би обврзал добивање извод од Зелениот катастар при одобрение за градба, како што препорача и Лилјана Поповска во нејзината презентација.

Зелинило сакаме, ама да не се грижиме за него

Даниела Димитриевска, претседателката на Македонското женско лоби на денешниот настан го презентираше „Родово сензитивното истражување за достапноста на јавните зелени површини до мажите и жените – ефектите врз здравјето и благосостојба“. Станува збор за спроведена онлајн анкета со 150 испитаници и две фокус групи на граѓани.

Според анкетното истражување, 39,5 отсто од испитаниците одговориле дека еднаш неделно одат во природа, додека 21,1 отсто рекле оти секојдневно одат во природа. Сепак, огромно мнозинство од анкетираните не се грижат за зеленилото што го имаат пред своите живеалишта. 42 отсто од испитаниците рекле дека зеленилото пред нивните домови им го одржува општината, додека 28,7 отсто рекле дека никој не се грижи за зеленилото. 

 

Автори: Никол Клесова

Борјан Гаговски