Повеќе од 350 млади вклучени во перформаност „Простор за разговор“

„Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои се уметничка рефлексија на темата со вклученост на социолози, активисти и психолози, кои говереа за тоа каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост

Фото: ХЕРА

Со серија културни настани „Простор за разговор“, организирани од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар, изминатите 10 дена се говорело за родовата еднаквост во шест градови во државата.

Како што информираат од асоцијацијата, на настаните кои се дел од проектот „Простор за разговор“, присуствувале над 350 млади од Куманово, Штип, Велес, Битола, Охрид и Струга кои низ културен перформанс ги кажаа своите размислувања за стереотипите, маргинализирањето и родовата еднаквост.

„Целта беше преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс изведен од танчерите на Скопје танцовиот театар да се зајакне чувството на припадност кон заедницата која е основата за создавање на инклузивно општество во кое секој може да го постигне својот потенцијал“, информираат во ХЕРА.

Од настанот „Простор за разговор“ посветен на родовата еднаквост. Фото: ХЕРА

„Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои претставуваат уметничка рефлексија на темата со вклученост на социолози, активисти и психолози, кои говереа за тоа каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост.

„Настаните се поддржани од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан, како и од Фондацијата Фридрих Еберт“, додаваат во ХЕРА.