Повеќе од 3.000 матуранти фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик

Препишаните есеи им се бодувани со 0 поени. Но, тестот не е составен само од есеј, имаа и прашања на заокружување и прашања со дополнување кои исто така се оценуваат. Оние кои не положиле, имаат право да полагаат повторно во август, вели за Мета.мк директорката на ДИЦ

Фото: Архива на Мета.мк

Оценувачите во текот на процесот на оценување по предметот англиски јазик од државната матура, утврдиле дека дури 3.100 ученици препишувале на испитот, потврдија за Мета.мк одговорните во Државниот испитен центар (ДИЦ). Директорката Благица Павловска вели дека утврдените недоследности (преписи) се откриени и санкционирани.

„Тие 3.100 ученици користеле плагијати од различни веб-страници, утврдени се преписи на есеите. Препишаните есеи им се бодувани со 0 поени. Но, тестот не е составен само од есеј, имаа и прашања на заокружување и прашања со дополнување кои исто така се оценуваат. Оние кои не положиле, имаат право да полагаат повторно во август“, вели за Мета.мк директорката Павловска.

Денеска е последниот ден кога матурантите имаат право да приговараат. Приговорите се поднесуваат до училиштата. Потребните документи и упатства за реализација на процесот на приговори поставени се на веб-страницата за матура на ДИЦ matura.gov.mk. Инаку, веројатно поради преоптовареност, денеска веб-страницата се отвора со потешкотии.

Во ДИЦ инфомрираат дека за да се намалат препишувањата, во соработка со МОН наредната државна матура ќе се реализира во големи простории, на повеќе локации во државата. Исто така најавуваат и нова Концепција за испити на крајот на средното четиригодишно образование.

Екстерните испити од државната матура се спроведоа во предвидените термини. Во јунскиот испитен рок 2022/2023 година полагаа вкупно 15.620 кандидати, од кои 6.750 матуранти од гимназиско образование, 8.598 од средно стручно образование и 272 од уметничко образование. На 4 јули во сите средни училишта во 12 часот беа објавени резултатите од испитите.

Матурските тестови ги оценуваа 175 оценувачи од повеќе училишта од државата.

И лани имаше преписи на испитот по англиски јазик. Екс-директорката на ДИЦ, Елизабета Наумовска, за Мета кажа дека констатирале многу преписи од Интернет, односно учениците со своите смартфони пребарувале текстови и истите го пренесувале во тестот, иако користење смартфони се забранети за време на полагање матура.