fbpx

Потврдени три случаи на конго-кримска хеморагична треска, ако ве касне крлеж не го вадете сами

Двајца од заболените по третманот на Клиниката за инфективни болсети биле пуштени на домашно лекување, а третиот сè уште се лекува во болница

-

Во текот на оваа календарска година, во периодот од 26 април до 4 јуни, регистрирани се три лабораториски потврдени случаи на конго-кримска хеморагична треска во државата, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во нивниот последен извештај. Двајца од заболените по третманот на Клиниката за инфективни болсети биле пуштени на домашно лекување, а третиот е сè уште во болница.

Првиот регистриран случај е потврден на 26 април. Станува збор за 57 годишно лице од с. Градец, општина Крива Паланка. Тој е сточар кој одгледува крави кои имале крлежи, па крлежите го каснале на долните екстремитети околу 7 дена пред почетокот на симптомите.

„Заболениот живее сам, а пребарувањето на контакти беше спроведено во с. Градец и здравствените установи кои ги посетил по почетокот на симптомите. Беа идентификувани и класифицирани со среден ризик 7 блиски контакти кои беа ставени под здравствен надзор од 14 дена. Ниту еден од контактите не разви болест“, информира ИЈЗ.

Како што објаснуваат епидемиолозите во Институтот, тој имал симптоми на крварење од носот, малаксаност, замор, повраќање и кашести столици. Откако тестовите за конго-кримска хеморагична треска дале позитивен резултат, пациентот бил пренесен на Клиниката за инфективни болести со возило за итна медицинска помош со комплетна заштитна опрема. Потоа тој негирал присуство на коморбидитети и бил испишан од клиниката во подобрена општа состојба.

Вториот регистриран случај е лабораториски потврден на 30 април. Станува збор за 29 годишно лице од с. Орланци, општина Арачиново. Тој е електричар кој работи во приватна фирма. Но, негира дека го каснал крлеж, ниту дека имал контакт со животни или патување во странство. Заболениот живее во семејна куќа во петчлено семејство, а пребарувањето на контакти билое спроведено во с. Орланци и здравствените установи кои ги посетил. Според ИЈЗ, не биле идентификувани и класифицирани блиски контакти кои би биле ставени под здравствен надзор од 14 дена.

Електричарот од Арачиново имал покачена температура (39°С), болка во мускули, малаксаност, повраќање и дијареа. Бидејќи немало подобрување и се појавила хематурија (еритроцити во урина), бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, каде му е дадена терапија и се направени дијагностички испитувања. Таму бил задржан на болничко лекување. И овој пациент негирал присуство на коморбидитети па по неколку дена бил испишан од клиниката во подобрена општа состојба.

Како што додаваат од институтот, третиот случај е лабораториски потврден на 04 јуни. Станува збор за 68 годишно лице од Делчево кој често престојувал во с. Полето, делчевско. Тој е пензионер кој посочил дека токму во селото го каснал крлеж на долните екстремитети. Крлежот бил и изваден во домашни услови.

„Заболениот живее во куќа, во тричлено семејство, а пребарувањето на контакти беше спроведено во семејството и здравствени установи. Беа идентификувани и класифицирани со висок и среден ризик 2 блиски контакти, ставени под здравствен надзор од 14 дена“, се додава во извештајот од ИЈЗ.

Заболениот имал симптоми на тресење, главоболка, болка во мускули, малаксаност и замор. Бидејќи се појавило крварење во столицата и хематурија, пациентот на 3 јуни бил препратен во Клиничката болница во Штип, а оттаму на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде биле направени потребните дијагностички испитувања и каде е ординирана соодветна терапија. Тој во моментот е задржан на болничко лекување.

Болеста од човек на човек се пренесува преку крв или секрет

Болеста конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета и најчесто луѓето заболуваат преку каснување од крлежи кои се носители на вирусот Nairovirus од семејството Bunyaviridae. Овој вирус предизвукува многу сериозни емидемии на ККХТ, а смртноста од болеста е дури 40 отсто.

Во домашни услови вирусот може да се пренесе и преку крлежи на домашните животни. Но, преносот на болеста од човек на човек може да се случи преку контакт со крв, секрет, или други телесни течности.

Болеста главно се појавува во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Вакцина против оваа болест не постои ниту за луѓето ниту за животните.

За прв пат епидемија на оваа болест кај нас е забележана во 1970 година, кога заболеле 13 лица и две лица од село Чифлик, тетовско починале. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година.

Викендов 10 лица побарале помош за вадење крлеж во Градска

Изминатиов викенд 10 лица побарале помош од лекарите во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, да им биде изваден крлеж од телото.

„Не е забележана зголемена фрекфенција на казнувања од крлежи во овој период, споредбено со вообичаениот број за овој период од годината. Во мај месец нивниот број бил поголем“, информира за Мета.мк директорот д-р Љубен Арсенков.

Ако ве касне крлеж, не го вадете сами дома 

По евидентираните три случаи, епидемиолозите во ИЈЗ даваат и препораки за заштита на населението од болеста. Ако се случи каснување од крлеж, тој не треба да се вади во домашни услови, туку тоа треба да го стори медицинско лице во здравствена установа.

„Потребна е едукација на населението за правилно облекување за заштита од крлежи и нивно отстранување во здравствена установа. Потребна е постојана комуникација помеѓу епидемиолошката служба и инфективните одделенија. Потребен е заеднички „One Health” пристап на епидемиолошката служба и Агенцијата за храна и ветеринарство. Исто така треба и да се усвои Национален акционен план за хеморагични трески во РСМ“, наведено е во препораките на ИЈЗ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Филков во Идризово по вчерашниот инцидент: Состојбата во затворите е алармантна

Состојбата во затворите е алармантна. Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има. Вака коментира новиот министер за правда Игор Филков, по денешната посета во...