fbpx

Порталб: Граѓаните од општина Ликово бараат јавен превоз

Порталб.мк се обрати до општина Ликово, до општина Куманово и до Министерството за транспорт и врски, и иако сите три институции потврдија дека ќе одговорат на новинарските прашања за овој проблем, ние одговор не добивме

-

Јавниот превоз останува сон за над 27.000 жители на општина Ликово, кои во негово отсуство принудени се да бараат алтернативни решенија. Граѓаните бараат од властите да го стават во функција јавниот превоз кој ги поврзува со градот Куманово, но, институциите засега молчат, пишува Порталб.мк.

И покрај тоа што најголем дел од услугите ги добиваат во Куманово, граѓаните на општина Ликовo за да стигнат до Куманово, но и во другите населени места на општината, патуваат со такси или комбиња.

Граѓаните бараат автобуси

Порталб.мк разговараше со жителите на општина Ликово кои бараат решение за овој проблем. Според нив, приватниот превоз е прескап и им одзема значителен дел од нивното време.

Жител од село Оризаре изјави дека поради долгото чекање за такси мора да излезе од дома еден час порано за да стигне на работа во Куманово.

„Ова не е нормално, 10 минути од градот, треба да чекам со часови во такси додека не се наполни со други патници, но ако во тоа време не дојде никој, треба да платам сам за сите патници“, рече Асан Шерифи.

Друга жителка од селото Слупчане вели дека е многу тешко да се патува до градот, бидејќи немаат редовен јавен превоз.

„Не секој има сопствена кола за да патува до град или не секој има финансиски можности да патува со такси. Да не зборувам за оние што се невработени. Добро е да се реши ова прашање бидејќи во ова време јавниот превоз не треба да биде толку тешко да се примени, навистина е штета, ова се случува само во нашата општина“, рече Мајлинда Исуфи.

Друг жител од селото Матејче посочи дека превозот е во многу лоша состојба, не ги задоволува нивните потреби што резултира со недостаток на ефективен и брз пристап до основните и потребните услуги.

„Поради недостаток на можности за превоз, за да патуваме станавме зависни од приватните возила, зголемувајќи ги трошоците, а со тоа и ја загадуваме животната средина. Мислам дека е потребна голема заложба да се зголеми бројот на ваквите услуги и да се инвестира во инфраструктурата на јавниот превоз и да се обезбеди еднаков и ефикасен пристап за сите граѓани од овој регион“, рече тој.

Поради немањето на редовен превоз граѓаните губат многу време, па дури и доцнат на работа.

„Јас треба да излезам околу еден час порано и да чекам се додека не се наполни таксито. Редовен јавен превоз ќе ни го олесни патувањето и ќе ни заштеди многу време, посебно во овој летен период“, вели еден жител од селото Ваксинце.

Наставничка кој работи во селото Слупчане ни кажа дека патувањето со јавен превоз има свои предности и недостатоци.

„Јас лично патувам со мојота кола, позитивно е тоа што сама одам на работа, но има и негативни страни бидејќи секогаш морам да тргнам порано за да стигнам на време на работа. Сообраќајот често е преоптоварен. Министерството не ни ги покрива патните трошоци, и треба сами да си ги покриваме трошоците. Тешко е, да имаше јавен превоз ќе беше подобро бидејќи има распоред. Би сакала што поскоро да се воспостави јавен превоз и мислам дека тогаш ќе ни биде поудобно и подобро“, рече една жителка на Куманово.

Надлежните молчат

И покрај тоа што за овој проблем се водеа различни дискусии од страна на надлежните, кога станува збор за отчет, нив ги „снемува“.

Порталб.мк се обрати до општина Ликово, до општина Куманово и до Министерството за транспорт и врски, и иако сите три институции потврдија дека ќе одговорат на новинарските прашања за овој проблем, ние одговор не добивме.

Ветувања да, дела не

Младите од Куманово побараа јавен превоз и решенија и во 2020 година градоначалникот на општина Ликово, Еркан Арифи, преку Aлсат тоа време побара поддршка од централната власт за да се вратат во функција меѓуградските линии. Тогаш од Министерството за транспорт и врски изјавија дека се работи на проект и по неговото завршување ќе се консултираат и со локалните власти за да се пушти во употреба јавниот превоз.

Две години подоцна, во 2022 година, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, за Порталб.мк изјави дека иако тоа не е во нивна надлежност, изразил интерес за соработка со општина Ликово за воведување на меѓуопштински транспортни линии со другите општини. Првиот човек на Ликово, Еркан Арифи, тогаш изјави дека го покренале прашањето за јавниот превоз и дека се прават анализи.

Минатата 2023 година Арифи, за весникот „Koха“ изјави дека се во фаза на подготовка и анализа за организирање на јавниот превоз, но дека е потребна дозвола и од Министерството за транспорт и врски. Тој дури рече дека размислуваат и за пуштање на превоз на линиите Ликово-Куманово, Матејче-Ликово-Куманово како и Ропалци-Накуштак-Куманово, Лојане-Ваксинци-Куманово и Слупчане.

Но, и покрај ветувањата, граѓаните се уште немаат јавен превоз.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поплави во Бангладеш: Осум загинати и над 2 милиони загрозени

Бројот на загинати во поплавите во Бангладеш оваа недела се искачи на осум, а повеќе од два милиони жители ги осетија последиците обилните дождови, кои предизвикаа излевање на реките...