fbpx

Порталб: Гостиварци наскоро ќе можат да плаќаат сметки и да добиваат документи преку e-киоск

-

Со помош на Програмата на Обединетите Нации за развој (УНДП), општина Гостивар обезбеди средства за да се пушти во функција е-киоскот, електронски систем во вид на банкомат за издавање документи, известува Порталб.мк.

Од општина Гостивар, објаснуваат дека проектот чинел 12.000 долари, а киоскот ќе биде пуштен во функција наскоро.

„Ние сме првата општина во Северна Македонија што ќе има е-киоск за издавање документи. Проектот е финансиран од УНДП, а наскоро ќе одржиме и церемонија за пуштањето во употреба. Веруваме дека ќе им биде од помош на многу граѓани на Гостивар”, велат за Порталб.мк од општината.

Граѓаните преку e-киоскот, како што соопштуваат властите, се очекува да остварат определени услуги, односно плаќања, барања за документи и други услуги, како плаќање на сметките за вода, плаќање казни за прекршоци на зонското паркирање, плаќање даноци и фирмарини, како и печатење на сите формулари што треба да се пополнат и поднесат во Општина Гостивар.

„Во иднина планираме да поставиме e-киосци уште во неколку точки од општината, на пример кај претпријатието меѓу двете села Чегране и Форино”, велат од општината.

Општината објави и видео за тоа како ќе изгледа и работи e-киоскот.

Поставувањето на e-киоскот претставува чекор кон дигитализацијата на електронските услуги по општините, меѓутоа таа пред сè треба да се спроведе и на централно ниво, односно во рамки на Министерството за правда, односно Управата за водење на матични книги, која што издава лични документи, изводи за родени, умрени, венчани, државјанство итн.

Издавањето на документите преку e-киоск сега веќе три години го практикува општина Приштина и, како што кажа заменик градоначалникот Мухедин Нуши на конференцијата за е-Општество.мк, функционира многу добро и граѓаните добро го прифатиле.

„Имаше проблем со создавањето редици, граѓаните чекаа со денови за да добијат документи. Овој начин беше многу добро прифатен од страна на граѓаните и за истиот се добиени две меѓународни награди. Идејата за квалитетни дигитални услуги потекнува од сервисот на комерцијалните банки и банкоматите, оттаму и идејата граѓаните да ги добијат истите услуги. Во 2015 година беше промовирана како идеја што предизвика одек во јавност. E-киоскот нуди: извод на родени, извод на венчани, државјанство и дозвола за престој. Уредено е преку лична карта или пасош, потребни ви се само 30 секунди да се добие документот или услугата. Услугата е без контакт, плаќањето се врши лесно. Пристапот е безбеден, има внатрешни и надворешни камери – без корупција, атрактивен е за граѓаните и е лесен особено за граѓаните што живеат во странство”, рече Нуши, на панел-дискусијата „Локализирањена дигиталната агенда во Западен Балкан”.

Истражувањето на Порталб.мк, во врска со давањето електронски услуги во Северна Македонија, покажа дека нашата држава е 10 години зад Европската Унија во оваа област. Граѓаните имаат потешкотии при добивањето на документите „само еден клик на интернет“, бидејќи државата нуди ограничени електронски услуги.

Порталб.мк, ги анализираше и електронските услуги што се даваат на локално ниво. Иако до ЗЕЛС доставивме серија прашања во врска со тоа во кој степен на дигитализација се општините, дали имаат статистички податоци за користење, дали имаат финансиски и човечки ресурси како и дали соработуваат со централната власт, но не ни пратија одговор.

Во извештајот за работата на ЗЕЛС во 2019 година, се вели дека постои Единица за поддршка на електронските услуги (ЗЕПЕ), преку која се овозможува забрзана реализација на една од приоритетните стратешки цели на ЗЕЛС за подржување на нејзините членки за создавање „е-општини“.

Како што е истакнато и во извештајот, на ниво на општините постојат седум платформи за електронски услуги, меѓутоа анализите на Порталб.мк покажуваат дека повеќето од нив не се функционални. А користењето на тие што функционираат, пак, е на многу ниско ниво, пишува Порталб.мк.

„Преку системот за информации општините во 2019 издале 2.109 одобренија за градење, а преку системот за јавно електронско наддавање за спроведување на постапката за продажба и давање под закуп на недвижни и движни ствари имале околу 100 објави за наддавање”, се вели во извештајот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...