Поради ковид-19, Царовска смета актуелниот модел на настава да остане до крајот на учебната година

Фото: Арбнора Мемети

Од почетокот на учебната година до денес за 18 отсто е зголемен процентот на ученици што следат онлајн настава, соопшти денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска, потенцирајќи дека двонасочната комуникација помеѓу учениците и наставниците преку ИТ опрема се одвива солидно.

„Наставниците ги стекнаа потребните вештини, а учениците пак стекнаа навика за присуство на онлајн настава. За еден месец постигнувањата се добри. Предизвици постојат, но ме радува што се постигна континуитет во наставата и што и родителите и учениците ја чувствуваат разликата од оној период кога немаше никаков тип онлајн настава“ истакна министерката, додавајќи дека Државниот просветен инспекторат проверува дали се доставуваат материјалите кај оние деца што следат настава од далечина преку телевизија, бидејќи до 20 ноември ќе треба да се формираат првите оценки кај учениците.

На новинарско прашање дали се размислува опцијата за одење на група ученици во училиштата преку една недела, Царовска појасни дека тоа ќе беше случај доколку состојбата останеше на ниво на 1 октомври и доколку се намалуваше бројот на новозаразени.

„Сега имаме голем број на новозаразени поради кој и сметаме дека овој модел треба да остане во пракса и да го задржиме до крајот на учебната година“ рече министерката за образование и наука.