Ако наставникот не може да формира оценка онлајн, тогаш ќе треба да организира индивидуална средба со ученикот

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Оваа учебна година при формирање на оценки за учениците ќе се следат упатствата утврдени од Бирото за развој на образование. Во случаите каде што од различни причини за еден ученик не ќе може да се формира оценка онлајн, наставникот ќе треба да се организира индивидуални средби, информираат од Министерството за образование и наука, додавајќи дека првите сумарни оценки за секој ученик треба да бидат изведени до 20 ноември.

Од МОН и од Бирото за развој на образованието апелираат до наставниците да го прилагодат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина, воедно поставувајќи јасни насоки во врска со очекуваните резултати од учењето и начинот на следење, контролирање и вреднување на постигнувањата на учениците во овој период.

„Во рамки на формирањето оценка треба да се задаваат автентични задачи кои ја елеминираат можноста за готови одговори од наставните материјали, или од други извори на информација, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање на задачите,“ појаснуваат од МОН.

Дополнително, наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги испрати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува. Притоа критериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да бидат јасно комуницирани до учениците и родителите.

„Учењето во виртуелна училница е во некои аспекти предизвик, но е истовремено можност да се направи исчекор во оценувањето – да се стави акцент на посложените когнитивни процеси, односно на издвојување, разбирање, анализа и помнење на она што е навистина важно, наместо усвојување на фактографско знаење. Ова е впрочем и цел на образованието и на реформите кои ќе следуваат,“ потенцираат од МОН.