Поновата Tomb Raider трилогија бесплатна на Epic Games до шести јануари

Скриншот од Epic Games
Скриншот од Epic Games

Поновата Tomb Raider трилогија е бесплатна на Epic Games до шести јануари. Трилогијата е составена од игрите Rise of The Tomb Raider-20 year celebration, Shadow of the Tomb Raider Definitive Edition и Tomb Raider Game of the Year во вкупна вредност од 90 долари кога би се купиле, а сега добивате 3 “triple A” наслови бесплатно. Да се напомене дека доволно е да се направи “claim” на игрите и ќе ви бидат отклучени како ваша сопственост во библиотеката со игри на вашиот акаунт на Epic Games, не мора веднаш да ги инсталирате, но ги добивате да си ги инсталирате и играте кога сакате. 

Ова се игри што се попознати како поновите Tomb Raider игри, со далеку подобра графика од почетните и многу други карактеристики. На пример подолги анимации низ целата игра, “QuickTime” евенти за кои треба да имате брзи рефлекси, качувања по ѕидови со планинарски алатки и најголемиот фокус е на наоѓање и надградување на различни оружја од лак и стрела до автоматски пушки. Графиката во сите игри е доста добра, и на моменти самата игра делува како анимација особено за време на “QuickTime” евентите кога се пробивате низ процепи во пештери, или лазите по подземни извори или гледате да не се набиете на некое дрво додека ве носи разјарена река. 

Исто така, тука се и загатките кои беа и сè уште се најинтересниот дел од играта. Постарите Tomb Raider играчи можат да потврдат дека има големо задоволство во тоа да се реши некоја загатка на одредено ниво и да биде предизвик. Секако, денес можат да се видат сите решенија со видеа на YouTube. Но, во времето кога имаше само текстуални walkthrough-a за игрите, Tomb Raider се издвојуваше во забава и тешкотија за решавање загатки со користење рачки на водни механизми, поместување големи предмети за пристап на повисоки места или буткање до лежишта, или пак поставување артефакти на сталаци за да се отворат врати позади кои се крие богатство или предмет на моќ. 

За сите љубители на Tomb Raider игрите најновите верзии имаат многу што да понудат.