fbpx

Појасот Газа сега е поделен на два дела, тврди Израел

Израелските медиуми вчера објавија дека се очекува војниците да влезат во градот Газа во рок од 48 часа

-

Израелската војска доцна синоќа објави дека го опколила градот Газа и го поделила опколениот крајбрежен појас на два дела, откако оваа територија се најде под трет целосен прекин на комуникациите од почетокот на војната.

Како што пренесува Гласот на Америка, портпаролот на Израелските одбранбени сили Даниел Хагари изјавил дека израелската војска го опколила градот Газа и „сега постои јужна Газа и северна Газа“.

Според него, Израел сè уште овозможува коридор за жителите на северниот дел на Појасот Газа и градот Газа да се движат кон југ. Тој рече и оти неговата земја ќе продолжи да напаѓа силно и да ја интензивира копнената операција во северниот дел од Појасот Газа.

Израелските медиуми објавија дека се очекува војниците да влезат во градот Газа во рок од 48 часа.

Министерството за здравство со кое управува Хамас вели дека речиси 10.000 луѓе биле убиени во Газа откако Израел ги започна операциите таму како одговор на нападите на Хамас од 7 октомври, јавува Би-би-си.

Во меѓувреме, лидерите на главните хуманитарни агенции на Обединетите нации, како и меѓународните добротворни организации повикаа на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа, нарекувајќи ја ситуацијата „ужасна“ и „неприфатлива“, пренесува Гардијан.

Меѓу потписниците се шефовите на УНИЦЕФ, Светската програма за храна, Светската здравствена организација, организацијата „Спасете ги децата“ и други.

Во соопштението се истакнува дека 1.400 луѓе биле убиени во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, а повеќе од 200 биле земени како заложници, додека продолжува истрелувањето ракети врз израелските заедници.

Во заедничката изјава се осудуваат и „ужасните убиства на уште повеќе цивили во Газа, како и отсекувањето на 2,2 милиони Палестинци од храна, вода, лекови, електрична енергија и гориво“.

Се додава и дека голем број хуманитарни работници биле убиени во текот на изминатиот месец, вклучително и 88 припадници на Агенцијата на ОН за помош и работа (УНРВА).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...