Денеска во Основниот суд во Велес почна процесот против поранешниот претседател на Кривичниот суд – Скопје, Владимир Панчевски, кој е обвинет за злоупотреби на АКМИС системот, поточно му се суди за кривичното дело ,,Злоупотреба на службената положба и овластувањата“.

Неговите адвокати најпрво рекоа дека нема услови за одржување на рочиште и побараа да му се укине притворот, бидејќи Панчевски сè уште имал судски имунитет и немал добиено решение од одлука на Врховниот суд за неговото разрешување како судија.

По куса пауза, судењето продолжи попладнево со презентирање на обвинителниот предлог на обвинителката Цветанка Богоевска, која наброја 40-тина предмети, најголем дел од Обвинителството за организиран криминал, според кои, во периодот од 2013 до 2014 година, по барање на Панчевски биле распределувани на рака предмети кај судиите Ивица Стефановски, Дијана Грујовска, Огнен Ставрев, Павлина Христова, Горан Бошевски и други.

Два предмета биле поврзани со нелегално прислушуваните разговори и со СЈО, и тоа по барање на Панчевски биле доделени на судијките Лилјана Петровска и Татјана Михајлова.

На прашањето на судијката Валентина Ѓорѓиевска, дали го разбира обвинението, Панчевски изјави дека дека не го разбира.

„Обвинителниот предлог го добив додека сум во притвор. Не разбирам зошто сум обвинет, ги немам доказите што ги има Јавното обвинителство. Се цитираат членови од повеќе закони, кои не можам да ги најдам бидејќи сум во притвор. Предметите кои се цитираат се од пред шест, седум години“, рече Панчевски.

Неговиот адвокат реагираше дека за обвинетиот нема правосилна одлука дека е разрешен од функцијата судија.

Но, Врховниот суд денеска го поби и овој обид за одолговлекување на постапката со соопштение во кое се вели дека: „На седницата одржана на 26.06.2020 година Советот за одлучување по жалба донесе решение со кое што жалбата на жалителот ја одби како неоснована, а ја потврди одлуката на Судскиот совет 25.12.2019 година заведена под бр.08-22/40 од 30.12.2019 година и решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.08-22/4 од 17.07.2019 година“.

Денешната главна расправа беше прекината, а продолжение е најавено за понеделник во 10 часот во Основен суд Велес.

На претходното рочиште кое беше закажано за 10 јули, откако Панчевски не се појави на судењето, судијата му одреди мерка притвор, а по него беше распишана потерница, бидејќи судот не можеше да го најде и да му ги врачи поканите за закажаните рочишта. После пет дена, на 15 јули, Панчевски самиот се пријави во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.