По пожарот во тетовско Фалише, ќе се испитува водата за пиење – екологистите бараат одговорност

Пожарот засега не направил промени во концентрациите на јаглеродните и натриум оксидите што ги мери мерната станица на Државниот мониторинг во Тетово, информираат од општинскиот Инспекторат за животна средина за Мета.мк

Фото: Порталб.мк

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека пожарот што избувна во фабриката за бои и лакови кај село Фалише, Општина Тетово, е ставен под контрола.

„Има по малку чад, но на лице место континуирано сè уште има екипа пожарникари од ТППЕ Тетово којаја контролира ситуацијата и има и полиција за обезбедување на локацијата“, велат од ЦУК.

Екипа од ЈЗУ Центар за јавно здравје Тетово е на терен за да ја испита водата за пиење, а резултатите ќе бидат готови за неколку дена. Од ЈЗУ Тетово известиле дека состојбата на водата ќе биде во ред, бидејќи бушотината од која се црпи вода имала 50 метри длабочина.

Пожарот во складот во кој се чувале и хемикалии во тетовското село Фалише е резултат на недоволната контрола од страна на институциите и политиката за неказнивост што упорно се применува, смета Нгадњим Мемети од тетовската еколошка организација Еко Герила.

Екологистите сметаат дека последиците на овие активности директно ги засегнуваат граѓаните и нивното здравје, како и животната средина во која живеат. Мемети вели дека превентивното делување е клуч да не се случуваат вакви настани, а казните за тие што не ги почитуваат законите треба да бидат ригорозни.

„Ова е втор ваков настан што се случува за кратко време, по пожарот во фабриката Профикс, каде што исто така гореа градежни материјали и хемикалии. Секогаш има можност дека и двата настана се несреќни случаи, но не можеме да не констатираме дека институциите и контролата затајуваат“, вели Мемети.

Пожарот засега не направил промени во концентрациите на јаглеродните и натриум оксидите што ги мери мерната станица на Државниот мониторинг во Тетово, информираат од општинскиот Инспекторат за животна средина.

Инспекторите денеска повторно ќе отидат на терен, заедно со колегите од Државниот инспекторат за да ја утврдат фактичката состојба откако пожарот е стивнат. Велат дека ќе треба да се утврди што се чувало во складот за градежни материјали и колку и какви хемиски препарати изгореле.

Инспекторот Томислав Јоргушески вели дека една од позитивните страни на овој немил настан е фактот што додека траел пожарот немало ветер и врнело, што веројартно е причина да нема зголемени вредности на загадување во градот.

„Постојано ја следиме состојбата преку мерната станица во Тетово и засега нема никакви поместувања. Ќе извршиме контрола и на лице место, но за жал немаме мобилни станици да мериме загадување на лице место“, вели Јоргушески за Мета.мк.

Пожарот во Фалише беше активен речиси 24 часа. Според првите проценки, гореа околу 100 тони бои и лакови горат складирани во магацин во фирмата за бои и лакови „Евроком“.

Министерката за животна средина Каја Шукова денеска информираше дека државниот мониторинг систем за следење на квалитетот на воздухот не мери органски испарливи материи, за кои може да се претпоставува дека ќе има зголемени вредности по пожарот во селото Фалише. Таа информира дека се чекаат резултатите од анализите на Институтот за јавно здравје за водите и почвите во овој реон и потенцираше дека во земјава нема акредитирана лабораторија која мери испарување на органски загадувачи во воздухот.

Шукова апелираше сите компании кои работат со опасни материи како оваа, а не се влезени во регистрите на А и Б интегрираните дозволи, да бидат контролирани од општините врз основа на елаборатите за животна средина, но и за импелментацијата на противпожарни мерки. Таа препорача по пожарот жителите да ги почитуваат препораките и да не излегуваат од своите домови и да затворат врати и прозорци.

„Евидентно е дека ќе има загадување на воздухот, како и на водите и почвата кога честичките ќе се спушатат на површината на земјата. Граѓаните да внимаваат, ако таму има засадени земјоделски култури да не ги употребуваат“, вели Шукова.

Пожарот во тетовско Фалише сè уште е активен, 24 часа пожарникарите го гаснат магацинот полн со бои и лакови