Во „Јагула“ приведени 14 лица како соработници на Петрески, по двајца се трага

Во акцијата на МВР, со оперативно име „Јагула“, приведени се 14 лица, а по две се трага за криминални дејства со кои му нанеле штета на буџетот на Општина Охрид во периодот од 2007 до 2013 година, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Кривични пријави се поднесени против 16 лица за кривични дела злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, перење пари, фалсификување деловни книги и примање поткуп.

Како што соопшти МВР, организатори се шест лица на возраст од 38 до 59 години, додека помагачи се 10 лица, од кои девет се од Охрид, а еден е од Струга.

Првоосомничен е поранешниот градоначалник Александар Петрески.

Според информациите на „Мета“, во групата има и една жена, поранешна раководителка на една од службите во локалната самоуправа во Охрид. Лицето што за полицијата е сè уште недостапно е од градежниот бизнис. Во групата приведени има и сопственик на туристичка агенција од Охрид, што се доведува во врска со честите патувања на поранешниот градоначалник во земјата и во странство. Неколкумина од приведените, наводно, биле со градоначалникот дури до Австралија, во контроверзната посета за време на големите поплави во Охрид.

Најголемиот дел од приведените се поранешни и сегашни вработени во локалната самоуправа во Охрид, кои извршувале одговорни задачи во значајни сектори, како што се секторот за набавки, секторот за сообраќај, секторот за локален економски развој и слично.

Акцијата за приведување што ја спроведе Министерството за внатрешни работи се случи синоќа и рано утринава во Охрид и во Скопје, каде беше приведен поранешниот градоначалник Петрески.

Извори блиски на полицијата во Охрид за „Мета“ потврдија дека меѓу приведените се блиски соработници на поранешниот градоначалник и луѓе кои ги добивале тендерските постапки за одредени активности во градот вредни околу два милиони евра, а кои ги распишувала Општината.

Градоначалникот бил под лупа на истражните органи откако минатата година ја загуби изборната трка за трет градоначалнички мандат. Тој во неколкупати бил повикуван на разговор во СВР Охрид додека се „чешлале“ документите од неговото финансиско работење.

Испитувањето на работењето на Општина Охрид во периодот кога со неа раководел претходниот градоначалник Петрески траело подолго време. Во испитувањето на финансиското работење на Општината тогаш била вклучена финансиската полиција.

Поранешниот градоначалник Александар Петрески, функцијата ја вршеше во два мандати како кадар на СДСМ. Првпат беше избиран во 2005 година. Учествуваше и на последните локални избори, кога загуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, лекарот – кардиолог Никола Бакрачески. Претходно, Александар Петрески беше директор на општинското јавно претпријатие „Охридски комуналец“, работеше и во ЕМО, а со двајца други партнери ја имаше формирано и приватната фирма АСМ.

Во моментов е член на ЦО на СДСМ.