Отворена апликацијата за учество во седмото Биенале на Графичка Уметност во Зеклерленд

Фото: Официјална страна на Graphic Art Biennial of Szeklerland

Во октомври 2022 година по седми пат ќе се одржи Биеналето на Графичката Уметност во Зеклерленд, Романија.

Организацијата ја отвори својата апликација во која ги поканува сите академски уметници и студенти на академија или факултет за уметност да се пријават најдоцна до 20-ти март 2022 година.

„Организирањето на 6-то Биенале беше под силно влијание од ситуацијата со пандемијата, поради што целата манифестација требаше да се префрли онлајн. Поради сите предизвици со кои требаше да се соочиме, оваа година сакаме да создадеме убави услови погодни за професионално претставување на делата на уметниците. Нашата цел е овој настан да прерасне во важна меѓународна платформа за изразување на современите графичари“, пишува во повикот за учество.

Од организацијата нагласуваат дека секој уметник мора да се пријави самостојно, не преку здружение или група уметници. Темата за творење е слободна и притоа секој апликант може да аплицира со најмногу три од своите дела. Графичките дела може да се креирани со традиционалниот метод, во дигитална техника со дигитален принт и дигитален метод на креација со традиционален метод на принт.

Апликацијата може да се пополни ТУКА, а повеќе информации околу конкурсот може да се пронајдат ТУКА.