Основците со едукативен пакет за филмот „Медена земја“ ќе се запознаваат за однос на човекот кон природата

Извор на фотографија: Министерство за животна средина и просторно планирање

Преку воннаставни активности, пораките од документарниот филм „Медена Земја“ кој во 2020 година се натпреваруваше за „Оскар“, ќе се пренесуваат на учениците на возраст од 10 до 14 години. Едукативниот пакет со кој учениците преку интерактивен пристап имаат можност да се запознаат со клучните пораки од документарецот „Медена Земја“, вчера беше промовиран во Скопје.

Едукативниот пакет се состои од три компоненти осмислени да ја поттикат креативноста: илустрирана сликовница Медена земја, интерактивна игра со коцки и голема интерактивна игра на табла. Во пилот фазата, едукативниот пакет беше испечатен на македонски, албански и турски јазик и беше дистрибуиран до основните училишта во 14 општини од Брегалничкиот регион, каде што учат над 8.000 ученици од петто до деветто одделение.

Младите учат колку е важно да ја заштитиме животната средина од уништување и колкава е важноста на пчелите за општото добро.

Министерствата за образование и наука и за животна средина и просторно планирање, Бирото за развој на образованието и приватните компании Фармахем и Аполо заедно изработија едукативен пакет кој беше претставен пред јавноста.

Содржината на едукативниот пакет, во име на авторите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја презентираше Симона Стојановска, координатор на проектот и главен уредник на илустрираната книга. Автори на интерактивните игри во едукативниот пакет се: Александар Микиќ, Самоил Петревски, Владимир Трајчевски и Борис Момиќ.

„Со овој креативен и уметнички производ, авторскиот тим овозможи одлуката на Владата на Република Северна Македонија за промовирање на вредностите од филмот Медена земја, да стане реалност“, потенцираше Шаќири.

Тој појасни дека друштвената игра трае од половина час до најмногу 45 минути и овозможува секој од играчите различно да игра и различно да стигнува до победа. Од страна на авторскиот тим целосно се испочитувани 5-те принципи на играта како медиум за учење, односно принципите за важност, интерактивност, уживање, активирање и повторување.

Едукативниот пакет беше изработен по заклучок на Влада по нарачка на Министерството за животна средина во соработка со Министерството за образование и Бирото за образование, преку Програмата за зачувување на природата во  Северна Македонија (ПЗП) и Фармахем, а со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).