Општина Центар ја прифати донацијата од семејството на Горан Стефановски за негово спомен обележје во Дебар Маало

Горан Стефановски фото: Општина центар
фото : Општина центар

На последната 63. седница на Советот на Општина Центар, советниците ја усвоија Одлуката за прифаќање донација од семејството на писателот Горан Стефановски и на Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Стефановски.
Во знак на сеќавање на доајенот на македонската современа книжевност, семејството Стефановски ќе ја подари скулптурата на Општина Центар, со цел да се реализира Одлуката за подигнување спомен-обележје на Горан Стефановски, што Советот на оваа Општина ја донесе во февруари 2019 година, соопштуваат од Општина Центар.
Со поставување на спомен-обележјето на писателот Горан Стефановски во неговото омилено Дебар Маало, граѓаните ќе имаат можност секојдневно да се потсетуваат на ликот и делото на еден од нашите најистакнати писатели, драматурзи и сценаристи.
Скулптурата е изработена од скулпторот Стивен Мелтон и излеана во бронза во леарницата Spaser во Маргејт, Англија, а ќе биде поставена во Дебар Маало во паркчето спроти општинските бараки, веднаш до чинарот, кое за роденденот на Стефановски на 27 април беше засадено во знак на негово сеќавање.