До кога несовесните граѓани од непотребната покуќнина и градежен шут ќе се ослободуваат секојдневно фрлајќи ги на јавни површини и локации што ги посетуваат туристите во Охрид? Ова прашање постојано си го поставуваат охридските општински власти, кои не можат да исчистат толку многу колку што дел од жителите можат да го нагрдат Охрид.

– Ние немаме основна комунална култура како жители на Охрид – вели првиот човек на ЈП „Охридски комуналец“ Лупчо Грданоски, критикувајќи го однесувањето на несовесните граѓани.

Секое утро, паркинг просторот кај Горна Порта, на самиот влез во стариот град, е претворен во мини-депонија. Фотографиите што ги направија охридските општински власти зборуваат за ниското ниво на еколошка свест на оние граѓани, кои својата покуќнина, градежен шут и зелен отпад се ослободуваат фрлајќи ја на оваа локација. И не е само влезот во стариот град во Охрид. Низ градот има и други локации, кои за брзо време прераснуваат во мини локација за кабаст отпад.

Директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски вели:

„Единствен начин да се стави крај на ваквото несовесно однесување на поединци е соодветно да профункционира комуналната инспекција. ЈП „Охридски Комуналец“ колку и да ги ангажира своите ресурси, кога една локација ќе биде исчистена од кабаст отпад, за брзо време на истата локација повторно се создава мини депонија. Невозможно е да се реагира доволно брзо, без ангажирање на сите релеванти фактори“, додава Грданоски.

Влезот во стариот град во Охрид кај Горна Порта претставува црна точка подолг временски период и за таа цел e поставена информативна табла за забрането депонирање на ваков вид отпад, но изгледа и таа е невидлива за прекршителите на Законот за јавна чистота.

Локацијата е исчистена, сиот отпад подигнат, но до кога? За надмининување на проблемот и санкционирање на прекршителите, на оваа локација се планира и поставување на видео надзор.