Охрид и Штип годинава ќе добијат мерни станици од Државниот мониторинг за следење на квалитетот на воздухот

Фото: Мета.мк

Охрид и Штип годинава ќе добијат мерни станици за следење на квалитетот на воздухот, со што овие градови ќе станат дел од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ). Тие се меѓу десетината поголеми градови за кои сè уште нема официјални податоци каков е квалитетот на воздухот што го дишат граѓаните. Во моментов Државниот автоматски мониторинг систем има 20 фиксни станици во повеќе места низ земјата. Најчесто, во градовите има по една станица, која мери неколку параметри, вклучувајќи ПМ 10, ПМ 2.5, јаглероден моноксид, озон, сулфур диоксид и азот диоксид. Во Скопје ДАМСКАВ има седум, заедно со мобилната станица во Ѓорче Петров, а во Битола има две станици.

Последните две станици Министерството ги постави во Гевгелија и во Берово. Сепак, токму Берово, градот познат по чистиот планински воздух, беше непријатно изненадување, откако стасаа првите официјални податоци од мерната станица. Очигледно, зголемените вредности на ПМ 10 и ПМ 2.5 се реалноста и во овој град.

Еколошките активисти од О2 Иницијатива сметаат дека мониторингот преку Државниот систем е клучен за да се види каков е воздухот низ разни места во земјава, што дава потоа основа за делување за да се подобри.

„Зимно време, претпоставуваме поради греењето, особено во утринските и вечерните часови воздухот е поприлично загаден за град кој важи за воздушна бања. Редовни се концентрации на PM10 над 100 µg/m3. И многу поопасните PM2.5 се доста високи, ако ги земеме препорачаните и законски максимално дозволените коцентрации. Гевгелија е со далеку почист воздух од Берово“, велат од О2 Иницијатива.

Од Министерството велат дека станицата во Берово е поставена во Градскиот парк, од левата страна на реката Брегалница, на растојание од околу 20 метри од станбени објекти, згради и куќи. Локацијата, посочуваат, укажува дека е можно станицата најмногу да го регистрира уделот на загадувањето кое доаѓа од согорувањето на горива за затоплување на домовите и административните објекти во зимскиот период од годината, а помалку од сообраќајот.

„Среднодневните концентрации на РМ10 честичките од 1 јануари до 6 февруари 21 пат ја надминале среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на метар кубен. Меѓутоа главно се работи за поблаги надминувања, а среднодневните концентрации се движат во просек околу 60 микрограми на метар кубен, што е и нормално за зимскиот период од годината, имајќи го во предвид согорувањето на горивата за затоплување. Најниската измерена среднодневна концентрација изнесува 13,44 микрограми, додека највисока 96,39 микрограми. Во овој период нема надминување на прагот на информирање и алармирање за РМ10“, велат од Министерството.

Од таму информираат дека во буџетот за годинава веќе се обезбедени средствата за набавка на двете станици за Штип и Охрид. Сепак, листата на градови каде преку државниот мониторинг не се следи состојбата со квалитетот на воздухот останува долга. Освен Штип и Охрид, каков водух дишат не знаат ниту граѓаните на Струга, Радовиш, Ресен, Делчево, Крива Паланка, Крушево… Од Министерството велат дека во моментот Државниот систем функционира според критериумите за минимален број на мониторинг станици во дефинираните зони источна и западна и една агломерација- Скопски регион. Од таму ги повикуваат Општините и градот Скопје да ја искористат можноста која им ја дава Законот за квалитет на амбиентниот воздух и самите да воспостават локална мрежа за мерење и следење на загадувањето на амбиентниот на нивната територија.

„ДАМСКАВ е воспоставен и соодветно се проширува врз основа на насоките наведени во ‘Студијата за мониторинг на аерозагадувањето во Република Македонија’. Целта на државниот мониторинг систем е да се следи квалитетот на воздухот во различни репрезентативни области, односно да има станици од различен тип, станица која го мери загадувањето од индустријата, станица која го мери загадувањето од сообраќајот и урбанa позадинска станица, во секоја зона и агломерација“, информираат од Министерството.

За поставување на хипер мрежа на мерни места апелира и еко активистот, Горјан Јовановски. Неговата платформата Air Care, ги обединува податоците од државните и нискобуџетните станици. Во Скопје има околу триесетина волонтерски станици и уште петнаесетина низ другите градови. Сепак, според Јовановски, и овој број е многу мал, доколку сакаме ефикасно и ефективно да ги лоцираме загадувачите.