Од следната недела конечно почнува отстранувањето на црната депонија кај велешка „Топилницата“, најави концесионерот

Згурата во велешка „Топилница“ | Фото: „Кепс Монт Груп“, ноември 2020 г.

Конечно ќе почне да се чисти црниот рид со троска покрај велешка „Топилница“, кој со децении го труе Велес. Околу 300.000 тони згура од идната недела ќе започне да се извезуваат во Србија и во Косово, информираат од компанијата која пред две години ја доби концесијата за остранување на згурата, „Кепс Монт Гроуп“ ДООО Скопје. Остатокот од троската, која вкупно опфаќа околу 1,8 милиони тони, планирано е да го откупи компанија од Турција и да се преработува на Блискиот Исток. Од „Кепс Монт Груп“ информираат дека во моментов во Велес се започнати подготовките на теренот покрај огромниот рид.

Од компанијата што пред две години ја доби концесијата за отстранување на троската информираат дека во моментов во Велес се започнати подготовките на теренот покрај огромниот рид | Фото: „Кепс Монт Груп“

„Се монтира сепарација преку која, првенствено ќе треба да се прочиси техногената минерална суровина од шут и комунален отпад кој се насобрал во текот на годините, пред да биде натоварена на камиони и извезена“, велат од компанијата.

Тие предвидуваат, првично, дневната динамика на извоз да се движи од пет до десет камиони, во зависност од временските услови во Велес, но и од актуелните услови со пандемијата.

„Договорите со Србија и Косово се веќе завршени и извозот започнува следната недела. Засега условите налагаат да се работи со помал интензитет, но во план е од пролет активностите да се интензивираат“, велат од компанијата.

Оставена на отворено, на различни атмосферски влијанија и без соодветна заштита, троската е децениски проблем на Велес | Фото: „Кепс Монт Груп“

Првично, троската од Велес требаше да се извезува во Малезија, но други дестинации мораа да се барат откако оваа земја на почетокот од годината забрани увоз на отпад. „Кепс Монт Груп“ има важечки договор со тамошен увозник, а сите склучени и важечки договори требаше да бидат веќе ревидирани. Сепак од Малезија сѐ уште нема одговор дали дел од троската ќе биде извезена и таму.

Црниот рид со згура е резултат на работењето на Топилницата на олово и цинк и несоодветен третман на отпадот од индустрискиот процес. Оставена на отворено, на различни атмосферски влијанија и без соодветна заштита, троската е децениски проблем на Велес, но и една од најголемите жешки точки со историски отпад во земјава. Депонијата се протега на околу 33.000 квадратни метри и се проценува дека има околу 1,8 милиони тони отпад. Во него има цинк, олово и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.. Тие можат да се употребат како секундарна суровина и понатаму да се искористат во повеќе индустрии. Сепак, и покрај економската вредност на отпадот, решение за него не можеше да се најде со децении.

Чистењето на токсичниот материјал е од голем интерес на јавноста, особено во Велес, каде што се уште се чувствуваат поседиците од работата на Топилницата. Градот, по завршувањето на извозот, конечно ќе може да започне со ремедијација на почвата и подземните води.