fbpx

Обвинение за тројца соизвршители на двојното убиство и за таткото на Вања Ѓорчевска

Станува збор за Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски, како и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. За Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за двете монструозни убиства, постапката е во тек, бидејќи тој неодамна беше екстрадиран од Турција во Македонија

-

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица, извести обвинителството. Станува збор за Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски, кои се обвинети за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

Тие се обвинети за кривично дело убиство и кривично дело грабнување.

Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, е обвинет за помагање во кривичното дело – Грабнување. За Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за двете монструозни убиства, постапката е во тек, бидејќи тој неодамна беше екстрадиран од Турција во Македонија. Постапката е во тек и за Стефан Димковски, пријателот на Палевски кој му помогнал на Палевски да премине од Бугарија во Турција.

Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски, според обвинението, заедно со Палевски, испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023 година, тие, како што велат од обвинителството, го грабнале Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

„Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“, велат од Јавното обвинителство.

Пет дена подоцна, на 27.11.2023, четворицата извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје.

„Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете“, се вели во соопштението.

Четворицата, со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика затоа што ќе пукаат. Потоа, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки”, во атарот на селото Бразда.

„Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот „Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, стои во обвинението.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.

„Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал“, велат од обвинителството.

Постапката продолжува и против Стефан Димковски, кој е осомничен дека му помогнал на Палевски со превоз при бегството до Република Турција. Нему во март годинава му беше укинат притворот и за него се изречени мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, одземање патна исправа, обврска за јавување во суд и одземање, односно забрана за користење возачка дозвола.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Приведени 19 луѓе на Д фестивалот во Дојран

Викендов, за време на одржувањето на Д фестивал во Стар Дојран, полициски службеници уапсила 19 лица, откако кај нив била пронајдена дрога. Лишени од слобода се А.С.(29) од Струмица,...