Објавен повикот за признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Од доделувањето на признанието минатата година/ фото: Кабинет на претседателот Пендаровски, 28 декември 2021

Објавен е Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2021 година – проект на Претседателот на Република Северна Македонија, кое што се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе од земјава, како и за создавање на перспективи за младите и успешни кадри.

Јавниот повик за доставување пријави е отворен од денеска и ќе трае до 30 септември.

Признанието „Успешни млади“ е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на 2021 година. Истото се доделува во осум категории: најдобар/а млад/а научник/чка во општествените/хуманистичките/природно-математичките и техничките/ медицинските науки, најдобар/а млад/а иноватор/ка, млад талент (за ученици и ученички од средните училишта), признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост) и најдобар/а млад/а уметник/чка.

На јавниот повик може да се пријават сите лица што заклучно со 2021 година навршиле 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен признанието за млад талент, за кое може да се пријават само ученици од средните училишта.

„Препознавајќи ги социо-економските предуслови на поединците како значаен фактор во пристапот и можностите за образование и професионален напредок, со овој повик особено ги охрабруваме сите млади кои припаѓаат на ранливи категории да поднесат апликации за признанието“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Сите услови и начинот за доставување на пријавите се достапни на веб-страницата на Претседателот, на овој линк.