Њујорк Тајмс ги тужи ОпенАИ и Мајкрософт за прекршување на авторските права

Тужбата за прекршување на авторските права беше поднесена пред федералниот суд на Менхетен во средата и тврди дека иако компаниите копирале информации од многу извори за да ги изградат своите системи, тие ставаат „посебен акцент“ на содржините на Њујорк Тајмс

фото: Wikimedia Commons

„Њујорк Тајмс” (New York Times) ги тужи „ОпенАИ” (OpenAI) и „Мајкрософт” (Microsoft) за прекршување на авторски права тврдејќи дека се преземени милиони написи на Тајмс за употреба на ChatGPT, соопшти Гардијан.

Тужбата за прекршување на авторските права беше поднесена пред федералниот суд на Менхетен во средата и тврди дека иако компаниите копирале информации од многу извори за да ги изградат своите системи, тие ставаат „посебен акцент“ на содржините на Њујорк Тајмс. Дополнително од Тајмс велат и дека „ОпенАИ” се обидува слободно да го искористи инвестирањето во нивните новинари користејќи ги нивните дела за создавање супститутивни производи без дозвола или плаќање.

„Незаконската употреба на вестите заштитени со авторски права, истраги, мислења, рецензии, водичи и повеќе за создавање производи со вештачка интелигенција ја загрозува способноста на Тајмс да ја обезбеди таа услуга“, се тврди во тужбата.

Оваа тужба е само уште една во низа слични случаи како на десетина автори во септември, насочени кон „ОпенАИ” за користење на нивните текстови.

Тајмс објави дека нејзината тужба се реализирала по неуспешните преговори за користењето на материјалите на Тајмс од страна на компаниите. Во поднесокот, од Тајмс велат дека им се обратиле на технолошките фирми во врска со нивната интелектуална сопственост за да најдат „пријателско решение“, вклучително комерцијални договори и „заштитни огради“ околу производите со вештачка интелигенција – но дискусиите биле запрени.

Тужбата на Тајмс не содржи парично оштетување, но вели дека „ОпенАИ”, проценета на 80 милијарди долари, и партнерот „Мајкрософт”, проценет на 2.8 трилиони долари, треба да бидат одговорни за „милиони долари законска и реална отштета“.

Со растечката тензија околу употребата на објавени материјали за употреба на ChatGPT, „ОпенАИ” создаде партнерства кои сакаат да ја смират загриженоста.

На почетокот на овој месец, „ОпенАИ” објави партнерство со германскиот издавачки гигант Аксел Спрингер.

„Со ова партнерство, корисниците на ChatGPT ширум светот ќе добијат резимеа на избрани глобални вести од медиумските брендови на Аксел Спрингер“, се вели во соопштението за печатот на „ОпенАИ”, додавајќи дека информациите за системот ќе вклучат наведување и линкови до целосните написи за транспарентност и дополнителни информации.

Во врска со тужбата од Тајмс, од „ОпенАИ” велат дека ги почитуваат делата на авторите и дека разговорите во врска со проблемот биле продуктивни, но сега се изненадени и разочарани од новиот развој.