fbpx

Новинарот треба да одговори, а не да ги прашува читателите дали Богоев трошел народни пари во бордел

-

[Рецензија: ТРОШЕЛ ЛИ БОГОЕВ НАРОДНИ ПАРИ ВО БОРДЕЛ?: Градоначалникот на Карпош ќе слави Нова година во Дубаи, посетил ли годинава бордел во Виена?]

 

Текстот што го рецензираме е манипулативен, полн со прашања, без ниту еден одговор. Целиот напис се базира на претпоставки со кои се прави обид да се убеди јавноста дека се вистинити.

 

Линк до оригиналниот напис: ТРОШЕЛ ЛИ БОГОЕВ НАРОДНИ ПАРИ ВО БОРДЕЛ?: Градоначалникот на Карпош ќе слави Нова година во Дубаи, посетил ли годинава бордел во Виена?

Датум и време на објавување: 27.12.2018

Датум на рецензирање: 4.1.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Целта на овој таканаречен новинарски напис е да се нападне градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, дека трошел народни пари за наводни посети на бордели во Виена. За ваквите обвинувања на читателот не му се понудени никакви факти и докази. Целиот напис се базира на шпекулации и на рекла-кажала муабети.

Текстот почнува со информација дека Богоев ќе ја помине новогодишната ноќ во Дубаи. Но, ваквата информација не е никако потврдена, ниту е посочено од каде е добиена. Дали градоначалникот го објавил тоа некаде, дали во некоја прилика дал изјава каде ќе оди за Нова година, останува на читателот сам да мисли.

Наместо потврда на информацијата, написот нуди коментари за досегашните патувања на градоначалникот на Карпош. Па во него се тврди:

 

Рака на срце, на младиот Богоев ова нема да му биде ниту прва ниту последна луда ноќ ако се направи сублимат каде сè беше, патуваше и лудуваше оваа година. Во првата година од својот мандат, градоначалникот на општина Карпош за само 9 месеци, Богоев, беше еден месец во Америка, на школа за млади лидери, беше на одмор на Бали и во Катар, ова лето беше 2-3 пати во Грција, а момачката вечер ја прослави со своите другари во Бугарија, во Сончев Брег. Во меѓувреме Богоев стапна на лудиот камен, а потоа со својата сопруга замина на меден месец.

 

Не е јасно зошто приватните патувања на Богоев се јавен интерес, освен ако нема наводи дека за нив Богоев трошел народни пари, како што тоа сака да го прикаже овој напис, иако за тоа нема никакви докази.

 

Со цел текстот да се зачини со посочни напади, се наведува дека Богоев „пред извесно време по ‘напорната работа‘ во општината решил повторно да се релаксира со патување во Австрија, во Виена, во еден добро познат спа-центар, каде што вработените им даваат ‘посебен третман‘ на своите гости“. Станува збор за „Голден тајм сануа клуб“ (Goldentime Saunaclub).

 

Тука зборовите „напорна работа“ целно се ставени со наводници за да се потенцира дека Богоев ништо не работи. Понатаму, во наводници се ставени и зборовите „посебен третман“. На каков посебен третман мисли авторот, не е прецизирано, оставено е на читателот сам да процени.

 

Со цел да ја поттикне фантазијата на читателот, авторот објавил и фотографија од девојки во бикини сликани покрај базен.

 

Оваа слика се појавува кога на интернет ќе го побарате овој спа-центар, со премиум услуги за своите посетители и гости, а најпрепорачана и популарна услуга е „масажа на препони“. Ќе оставиме на читателите сами да оценат за каков спа-центар станува збор, а богами и какви работи го релаксираат градоначалникот на Карпош.

 

Целиот текст се базира на претпоставки, а бујната фантазија на aвторот му се претставува на читателот како некаква вистина, со цел тој да поверува во неа. За наводите во текстот нема никаква потврда, ниту е направен обид тие да се проверат. На овој начин се прекршени новинарските кодекси и правила на пишување, кои предвидуваат новинарот да објавува точни и проверени информации, што не е случај во овој текст.

 

Новинарот, наместо да претпоставува и да пребарува на интернет, можел да крене слушалка и да побара изјава од Богоев, да го праша дали навистина со народни пари бил на пат во Виена, дали бил во посочениот спа-центар и ако бил, дали ги користел  „посебните третмани“ и какви се тие третмани. Информацијата треба да биде проверена од неколку страни пред да биде објавена. Вака напишан, текстот наликува само на приказна за мали деца и има цел политички да поентира, односно да го нападне градоначалникот на Карпош.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...