fbpx

Се чекаат одговори: Како се затру семејство од Скопје со забранетиот најотровен инсектицид „метомил“

Освен што истрагата треба да утврди како се нашла отровната супстанца во храната, таа треба да даде одговори и како отровната супстанца се нашла во домот на семејството, кога метомилот е забранет за продажба

-

Метомил, познат под брендови како Акинат (Acinate), Агринат (Agrinate), ДуПонт, Ланате (Lannate), Ланокс (Lanox)… е инсектицид од прва категорија, забранет за продажба во земјава, согласно регулативите на ЕУ, поради неговата висока токсичност и поради штетите што може да ги нанесе по животната средина и живиот свет. Доколку се употреби и само еден грам од отровот, кој нема ниту мирис ниту вкус, а дава зеленкасто-сина боја кога ќе се раствори, може да усмрти човек од 70 килограми. Смртта настапува многу брзо, често и во рок од неколку минути. Кај животните, пак, смрт може да настапи и доколку само се помириса или вдише отровот.

Ова се само дел од официјалните податоци за метомилот, супстанцата со која пред неколку дена се затруја три лица од исто семејство, од кои жената почина. Повозрасната жена е во кома, додека мажот е на Клиниката за токсикологија и е во стабилна состојба. Тројцата биле затруени откако јаделе домашна храна во нивниот дом во Скопје. Како метомилот се нашол во храната, останува да утврди истрагата.

„На 17.10.2023 во 12 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени Ц.С.(79), Ѓ.С.(55) и Д.Ќ.(47), сите од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје. Лицата биле задржани за понатамошно лекување. Известен е јавен обвинител. Од местото на настанот подигнати се доказни материјали за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот. На 19.10.2023 од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ е добиено известување дека едно од лицата починало и телото е дадено за обдукција“, велат од МВР.

Освен што истрагата треба да утврди како се нашла отровната супстанца во храната, таа треба да даде одговори и како отровната супстанца се нашла во домот на семејството, кога метомилот е забранет за продажба.

„Продажбата на метомил е забранета за употреба кај нас повеќе од 10 години. Нема увоз, не се продава во земјоделските аптеки. Секако, ако било кој има информација дека некаде се врши продажба на метомил, ние ќе постапиме по секоја дојава. Метомилот беше забранет за продажба поради неговата висока токсичност и злоупотребите што се правеа. Сепак, особено кај повозрасните луѓе, останало мислењето дека тоа е најдобар отров. Како доаѓа во земјава, не знам, но ние вршиме редовни контроли и запленуваме секакви пестициди, дури и со поминат рок“, вели за Мета.мк, Јане Станкоски, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.

Но, реалноста во земјава покажува дека сепак, на некој начин, оваа супстанца влегува во земјава. Многу често, граѓани сведочат за труење на миленици, со отров поставен на јавни површини, понекогаш дури и во близина на училишни дворови. На социјалните мрежи можат да се видат и коментари со кои се препорачува овој отров за труење кучиња.

На сите фотографии и видеа од отруени кучиња, сличноста е таа: зеленкасто-син прашок, оставен на храна и домашни и бездомни кучиња како умираат во рок од 10 минути, со пена од устата, тремор и изразени нервни тикови.

Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков за Мета.мк вели дека се соочиле со смртни случаи кај луѓе како последица на употреба на метомил.

„Често станувало збор за самоубиства, но сме имале случаи и на случајно труење како последица на метомилот“, вели Станков.

Студии покажуваат дека метомилот е најчеста причина за самоубиствена смрт, како што хероинот е најчеста причина за случајна смрт.

Целосна забрана во ЕУ, ограничена употреба во САД

Метомилот се „раѓа“ во 1966 година како инсектицид со широк спектар, од видот „карбамати“. Се користи и како акарицид за контрола на крлежите и пајаците. Се употребува за фолијарна обработка на зеленчукови, овошни и полски култури, памук, комерцијални украсни растенија во и околу живинарски куќи и млекарници, но и како мамка за муви.

Метомилот е ефикасен на два начина: како „инсектицид за контакт“, бидејќи ги убива целните инсекти при директен контакт и како „системски инсектицид“ поради неговата способност да предизвика целокупно „системско“ труење кај целните инсекти, откако ќе се апсорбира и транспортира низ штетниците кои се хранат со третираните растенија. Поради можноста да се апсорбира од растенијата без да биде „фитотоксичен“ или штетен за растението, наоѓа огромна примена во земјоделството, сè додека не почнат злоупотребите.

Принтскрин, echa.europa.eu

Па така, во тајна операција, во 2010 година државните истражители во Мичиген посетиле 40 трговци на мало со земјоделски пестициди. Четвртина од нив препорачале да се користи мамка за муви базирана на метомил за да се убијат несаканите цицачи.

Пестицидот најчесто се користи за контрола на наездата на муви околу добитокот. Но, во последните години, незаконски се користеше за труење диви животни низ целата држава, се вели во јавниот медиум од Државниот универзитет во Мичиген.

Одделот за земјоделство и рурален развој во Мичиген (MDARD) го ограничува јавниот пристап до метомил, откако ракуни биле труени со метомил измешан со сода.

На овој начин ненамерно биле убиени неколку кучиња. Во 2010 година, ќелав орел умрел откако се хранел со труп на елен отруен со метомил. Цитирајќи ја оваа широко распространета злоупотреба, се издала наредба со која строго се ограничува продажбата и купувањето на производи базирани на метомил на лиценцирани продавачи и апликатори на пестициди.

„Кога ќе го купат тој производ, ќе има запис дека го купиле“, рече Брајан Верхоугстраете, менаџер на одделот за пестициди за MDARD.

„Значи, за некој што има намера да го злоупотреби, тоа може да биде пречка“.

Според Светската здравствена организација (СЗО), употребата на високо опасни пестициди претставува огромен ризик по здравјето, посебно за земјоделските работници и нивните семејства и случајните минувачи кога се прскаат пестицидите. Изложеноста што може да се случи преку вдишување, контакт со кожа или очи, или внесување контаминирана вода и храна, со што се зголемува ризикот од рак и други долгорочни здравствени проблеми, велат од СЗО.

Изложеноста на метомил може да се случи преку голтање, вдишување и контакт со кожата. Првите два начини на изложување (голтање и вдишување) се најтоксични, додека контактот со кожата предизвикува најмала токсичност. Некои здравствени компликации од труење со метомил вклучуваат абдоминална болка, дијареа, повраќање, слабост, стегање во градите и заматен вид.

Во САД сè уште не постои целосна забрана за употребата на метомил, додека во Кина, Велика Британија, Турција и Европската Унија, забраната е целосна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕИБ: Нема доволно податоци од регионалните претпријатија за да се процени нивниот импакт на околината

Според ново истражување на Европската инвестициска банка (ЕИБ), малите и средните претпријатија во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) не објавуваат доволно информации во однос на ЕСГ, мерка со...