fbpx

Не е точно дека санкциите врз Русија немаат ефект

Самиот клип е реален, но проблемот е во описот со кој тој е проследен. Тој создава впечаток дека Русија под санкции реализира скапи и сложени проекти, но тој премолчува дека овој модел на ракета не е најнов крик на технологијата, туку е стар околу две децении, а санкциите и тоа како имаат ефект, особено врз државната корпорација Роскосмос, која се занимава токму со вселенски проекти

-

Клип од лансирање на ракета се злоупотребува како доказ дека санкциите против Русија немаат ефект. Самиот клип е реален, но проблемот е во описот со кој тој е проследен. Тој создава впечаток дека Русија под санкции реализира скапи и сложени проекти, но тој премолчува дека овој модел на ракета не е најнов крик на технологијата, туку е стар околу две децении, а санкциите и тоа како имаат ефект, особено врз државната корпорација Роскосмос, која се занимава токму со вселенски проекти, а и врз Гаспром, кој лани доживеа рекордни загуби. Можеби е претерано да се каже дека санкциите целосно ја уништиле руската економија, но да се рече дека тие немаат ефект би било неточно, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук прикажува видеоклип проследен со опис:

#Русија штотуку лансираше воена ракета Z во вселената! #Санкции?

Според логото во клипот, тој потекнува од рускиот весник Известия, но во објавата што ја рецензираме, има воведни кадри од 2-3 секунди, кои кај него ги нема. Можеби се работи за монтажа, но снимките се реални, а проблемот за кој ќе говориме не е во нив.

Проблемот е во описот, со кој тие се проследени, а тој е на македонски и англиски. Делот на англиски е веројатно некритички ископиран од странски извор како овој тука, без што било да се истражи за напишаното, по што тоа било преведено на македонски. Описот создава впечаток дека санкциите против Русија немаат ефект и дека таа без проблем реализира скапи и сложени проекти, но притоа се премолчуваат некои клучни факти.

Во клипот е прикажано лансирањето на ракетата Сојуз-2.1б (рус. Союз-2.1б) од космодромот Плесецк во Русија на 17.5.2024 г., а овој модел за првпат бил лансиран на 27.12.2006 г., па тоа не е најнов крик на технологијата, кого Русија успеала да го развие под санкции, туку нешто старо околу две децении. За тоа раскажува најмоќната руска новинска агенција ТАСС, која додава дека Сојуз-2.1б е една од повеќето надградби на Сојуз-2, создадена во 1990-тите врз основа на Сојуз-У, која, пак, се користи од 1973 г.

Објавата, којашто сега ја рецензираме, споменува некаква „ракета Z“, но тоа не е нејзиниот назив, туку објавата со тоа мислела на ознаката, која рускиот агресор ја користи во Украина, а кој бил нацртан врз ракетата. Објавата тоа го нагласува небаре е нешто сензационално, но ракета со таа ознака веќе беше лансирана на 22.3.2022 г.

Ракетата во објавата е опишана како воена, но да нема забуна – таа не служи за гаѓање на непријателски цели, туку како носач за апаратура и сателити за научно-истражувачки, комуникациски, па и воени задачи во вселената. Во случајов, лансирањето било за потребите на руското Министерство за одбрана, т.е. за нејзините воено-космички сили, а САД сметаат дека ова било испраќање во вселената на антисателитско оружје. Како и да е, ракетава сама по себе не е воена, иако во случајов е употребена за воени задачи.

Фактот што Русија лансира ракети не значи дека таа не трпи штети од санкциите. Можеби е претерано да се рече дека тие целосно ја уништиле нејзината економија, но да се тврди дека тие немаат ефект би било неточно. Голем загубар заради санкциите е Роскосмос, руската државна корпорација, која се бави токму со проекти во вселената.

Во 2021 г. загубите му биле околу 31 милијарда руски рубљи (околу 407 милиони американски долари), а за 2022 г., 50 милијарди рубљи (околу 730 милиони долари). Директорот на корпорацијата, Јуриј Борисов, лани изјави дека, најблаго речено, во космичката дејност во Русија не е сè в ред и дека таа се наоѓа во лоша финансиска и кадровска ситуација и дека старее, а при крајот на годината тој додаде дека Роскосмос имале договори со странски партнери вредни 230 милијарди рубљи (околу 2,5 милијарди долари), но околу 80 отсто од нив ја прекинале соработката, па загубата била 180 милијарди рубљи (околу 1,9 милијарди долари). На крај, Роскосмос почна да го распродава својот деловен простор и некои одморалишта кои се во негова сопственост.

Нешто слично ѝ се случи на руската компанија за гас, Гаспром, која лани доживеа рекордни загуби, за првпат по 1998 г., од 629 милијарди рубљи (околу 6,9 милијарди долари). Рекордна загуба доживеа и втората по величина банка во Русија, ВТБ, во 2022 г.

Санкциите, исто така, го погодија и рускиот авиотранспорт. Нему му е забранет пристап до многу странски дестинации, што создава големи загуби; на неговите авиони не им се пружа сервис и резервни делови, што ги прави опасни; а странските компании, кои му изнајмуваат авиони, истите си ги побараа назад. Рускиот авиотранспорт за малку ќе згаснеше, затоа што повеќето авиони му се странски и изнајмени, а тој се одржува во живот со снаодливост и (полу)криминални шеми: заплена на изнајмените авиони, по што дел од нив беа откупени; канибализација на делови (нивно вадење од еден авион и ставање во друг) или користење на неоригинални; шверц на делови преку трети земји; итн. Слично мораат да се снаоѓаат и руските вооружени сили, кои заради санкциите веќе немаат слободен пристап до западната технологија, особено до микрочиповите.

Земајќи го предвид сето досега наведено, заклучуваме дека во рецензираната објава има доста недоречености или премолчувања, заради кои јавноста не ја добива целосната слика за настанот, односно објавата страда од недостаток на контекст.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Јаневска: Децата со посебни образовни потреби треба да се идентификуваат со нивните потенцијали

Иклузивното образование е сериозен и повеќеслоен предизвик, што бара посветена и тимска работа, посочи министерката Весна Јаневска, на настанот „Разговори за еднаквост“, организиран од страна на Комисијата за спречување...