Наш избор на најдобрата музика од видео игри

Препорачливо е доколку имате доволно силен компјутер, додека играте било која игра да си пуштите омилена динамична музика на YouTube во позадина -  докажано е дека ги подобрува перформансите за успех на играчите во игрите - и во животот

Ви ја преставуваме најдобрата музиката правена или употребена во видео игри, а изборот на музика е направен според соодветните игри кои исто така ги препорачуваме, доколку не сте ги играле досега.

Листата не е направена според принципот „ТОП 10” стил, туку е рандомизирана за сите вкусови. Најчесто во гејмингот се користи електронска амбиентална музика, рок, рап и метал музика, а понекогаш и емулација на мелодична класична музика, која е  потценета токму поради тоа што се употребува во видео игри. Ќе се обидеме да докажеме дека има навистина сериозни музичари кои се посветени и соработуваат на ова поле – факт со кој долгогодишните гејмери се веќе запознаени, а допрво тоа излегува на површина во мејнстримот.

Сите овие песни се многу подобри кога ќе се искусат во живо во самите игри, затоа што има звуци на чекори, борби, извици и штитови кои блокираат мечови или пак истрели на „фучење“ на стрели.  

Па така, во првиот дел од Diablo серијалот на игри, песната наречена „Tristram Village Theme” е музиката која оди во позадина – додека сте во селото, во играта што преставува база и место за одмор од „борбите против демони и секакви чудовишта и сили на пеколот”. Музиката е компонирана од Matt Uelmen, а ние го одбравме аранжманот и изведбата на Jonas Leftvert. Оригиналната снимка може да ја чуете овде. Ова претставува прекрасна гитарска композиција од која се прават и варијации во следните делови од играта Diablo 2,3 и 4: 

Композиторот Мат Уелмен има работено и на музика за Starcraft, World of Warcraft Burning Crusade, а релативни понови негови композиции има во игрите Torchlight. Ова е музиката од WoW за стартната зона на најиграната раса во WoW, односно Bloodelf (Крвавите Елфи) и нивната шума Eversong Woods, што се класифицира како амбиентална музика.

Друга маркантна песна е Goldshire Tavern музиката во стартната зона на луѓето. Но, како една од најдобрите би ја одвоиле Lament of the Highborn, која се однесува на потеклото на Sylvanas Windrunner, елфка што станува „forsaken“, па потоа и лидер на хордата – особено добар феминистички лик сакан од сите девојки инволвирани во гејминг. Ова е песната во изведба која ги вклучува музичарите Russel Brower и Derek Duke проследена и со тематска анимација: 

Понатаму, не може а да не се спомене музиката од Elder Scrolls V Skyrim, играта што најдолго го издржува и до ден денес тестот на времето. Главната песна од играта е легендарна. Станува збор за емулација на класична музика, со хор и со цел оркестар, ремек дело на музика за видео игра:

Песната е напишана на измислен „Jазик на змејовите“ за играта која има и своја посебна азбука, слично како процесот со измислување сосема нов фантазиски јазик со “Синдарин” (јазикот на елфите) кај Толкин. 

Тематски ова предизвика многу „fan-based” препеви на песната The Dragonborn Comes – песна од бард во играта, од кои најдобри се на две жени изведувачи и тоа Malukah со свој популарен препев и Rachel Hardy со своја “caver” верзија.

Истите две музичарки имаат преработки на една од најпознатите песни која произлегува од серија базирана на играта Witcher 3: The Wild Hunt (за која имаме повеќе написи) односно песната Toss a coin for you Witcher: 

Најдобрата преработка на оваа песна, пак, доаѓа од пеачот Dan Vasc во негова интерпретација на метал верзија од истоимената композиција.

Иако, најдобра песна од самата игра која бардови ја свират и рачно на инструменти во други онлајн игри или со симнат фајл во „миди формат” што симулира свирење (што е сè уште тренд во ММО игри кој започна како поразвиен со Lord of the Rings Online, а се усоврши во Guild Wars 2 и Final Fantasy XIV) e песната на Присила, позната под името Priscilla’s Song: 

Исто така, кога веќе ја споменавме Guild Wars, една од „траките” што гејмерите и гејмерките буквално ја користат за медитација, е одлична амбиент музика Shing Jea Monastery Theme (од втората експанзија на првиот Guild Wars серијал наречена Guild Wars Factions):

Од ултра-познатиот серијал Price of Persia најмарканта е музиката од метал бендот Godsmack односно песната „I stand Alone” во најмрачната верзија на играта Warrior Within: 

Кога сме кај металот, мора да се спомене и здружувањето на повеќе металски бендови за играта Metal Hellsinger, која е игра во стилот на DOOM игрите, а изведувачите се наведени во самиот трејлер за играта:

За крај, презентираме и музика од спортска игра која беше хит и на флипери и потоа на mame32 emulator. Станува збор за играта Street Hoop, а ова е целиот Soundtrack со рап, фанк и соул музика. Темата на играта е „Баскет” или „улична кошарка”, еден од омилените маалски спортови за рекреација и дружење на многу генерации.

„Игривоста“ на оваа игра може да се класифицира како буквално најдобрата игра со кошарка која не можат да ја надминат ниту поновите игри за NBA колку и да додаваат пореалистична графика. Прво, заради достапноста, а потоа затоа што е беплатна и постои опција двајца играчи да играат на еден компјутер. 

Секако, има уште многу позната музика која е направена за видео игри, но засега ова е нашиот избор на одлична музика од гејмингот. Препорачливо е доколку имате доволно силен компјутер, додека играте било која игра да си пуштите омилена динамична музика на YouTube во позадина –  докажано е дека ги подобрува перформансите за успех на играчите во игрите – и во животот.