Награди за нови идеи: Органско ѓубриво добиено од отпад од кафе и реупотреба на кабаст отпад

Фото: АРНО

Идеите на тимот „Ребел“ за производство на играчки, сувенири и мебел добиени од кабаст отпад и на тимот „Coffee mates“- иницијатива за собирање отпад од кафе за производство на органско ѓубриво и прототипирање на рамки за очила вчера добија награди од Центарот за социјални претпријатија АРНО.

Како што велат оттаму тимовите кои ги осмислија идеите ќе добијат финансии во износ од 2500 евра и поддршка (менторство, обуки, настани за вмрежување) за развој на нивните идеи во втората фаза на инкубација. Победничките тимови ќе добијат и поддршка во форма на пакет на брендинг услуги.

„Во времето во кое живееме, благодарни сме на овие 6 тима од генерацијата 2022/2023 кои покажуваат дека младите не се апатични, и дека социјалното претприемништво има иднина“, изјави Марјан Ицоски, програмски менаџер во АРНО.

Во овогодинешното издание учествуваа 7 тимови со 21 член од Скопје, Неготино, Македонски Брод, Градско, Прилеп и Кичево, од кои 6 тимови презентираа пред жирито (Active Workplace, Coffee Mates, Grasp, Medical Musroom Garden, Natural Revolution, Rebel).

Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business.

Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) и Еразмус плус програмата.