Над половина од младите не го работат тоа што го студирале, ИТ секторот најпожелен избор

Доминантен мотиватор при изборот на кариера се финансиските стимулации. Речиси поливина од младите ги навеле платата и финансиските придобивки како главни причини за интерес

Photo by Dylan Gillis on Unsplash

Повеќе од половина од вработените млади работат на позиции што не се поврзани со полето на студирање, што укажува на значајна неусогласеност помеѓу формалното образование и пазарот на труд. Кај младите преовладува тренд често да ги менуваат работните места, при што речиси 72 отсто од нив, на сегашните работни места се задржале помалку од три години.

Ова се дел од главните заклучоци на истражувањето насловено „Младински аспирации за кариера и вештини“, спроведено во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности во партнерство со Министерството за труд и социјална политика.

Во истражувањето се испитуваат очекувањата на младите од работните позиции, нивните ставови за тоа кои вештини им се потребни за да бидат конкурентни на пазарот на труд и се даваат низа препораки со цел да се поддржат младите да најдат привлечни можности за вработување во земјава.

Во однос на преференциите за кариера, истражувањето покажува дека како најпожелен избор се јавува ИТ секторот, кој привлекува 20,2 отсто од испитаниците, по што следуваат медицината и здравството со 16,1 отсто, па правото и политиката со 10,1 отсто.

Помеѓу најнепопуларните области се вбројуваат производство и занаетчиство (1,90%) и наука и одржливост на животната средина (1,80%).

Доминантен мотиватор при изборот на кариера се финансиските стимулации. Речиси половина од учесниците ги навеле платата и финансиските придобивки како главни причини за интерес во дадениот сектор – откритие кое сугерира оти економските преференции се значителен двигател на одлуките за кариера кај младите.

„Истражувањето укажува на значајна неусогласеност помеѓу формалното образование и пазарот на труд, но истовремено дава јасен патоказ како да се поддржат младите да го надминат овој јаз и полесно да се вработат“, изјави  на настанот за промоција на истражувањето, Небојша Мојсоски, раководител на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Мнозинството од испитаниците (53 проценти) изразиле желба да ги подобрат своите вештини за да останат конкурентни на пазарот на труд, а 79 отсто ја признале потребата од надградба во блиска иднина.

Комуникациските вештини, решавањето проблеми и креативноста се идентификувани како клучни области за подобрување – вештини кои се од суштинско значење на пазарот на труд, кој брзо се развива и кој се повеќе ги цени приспособливоста и иновативното размислување.

„Токму ваквите сознанија ќе бидат темел при креирањето политики и мерки за намалување на невработеноста кај младите што е еден од нашите стратешки приоритети“, рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Таа воедно ги поттикна младите да ги користат државните мерки за вработување, самовработување, обуки и практикантска работа и посочи дека Оперативниот план за 2024 година ќе биде заснован на наодите од истражувањето.

Младите имаат претприемачки дух, а не се запознаени со државните мерки за (само)вработување

Резултатите од истражувањето укажуваат на неусогласеност помеѓу задачите што младите ги извршуваат во нивните сегашни улоги и примената на креативноста, при што мнозинството укажува дека нивните задачи вклучуваат повторување и придржување кон процедурите, со што се ограничуваат можностите за креативен ангажман.

Платената пракса како мерка е преферираниот метод за помош на младите при вработување, но и начин за подобрување на вештините кај 57,2 проценти од учесниците.

Претприемништвото се појавува како област од значаен интерес, при што 74,1 отсто од младите изразиле ентузијазам за започнување сопствен бизнис. Овој претприемачки дух дополнително се рефлектира кај 41 процент од испитаниците кои покажале интерес да работат во старт-ап компании, навестувајќи ја желбата за иновативни и флексибилни работни средини.

Кариерното насочување и советувањето остануваат недоволно искористени ресурси, при што 55,3 отсто од испитаниците рекле оти немаат искуство со такви услуги. Ова е особено забележливо кај невработените, од кои 58,4 отсто никогаш не се вклучиле во кариерно советување, што укажува на потенцијална област за интервенција за да помогне во барањето работа и развојот на кариерата.

Забележителен е и недостаток на запознаеност со државните мерки за вработување и самовработување, при што 54,4 отсто од сите испитаници и 61,4 проценти од невработените млади рекле дека не се запознаени со ваквите иницијативи.

Петгодишната Активност на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, којашто е со вредност од 7 милиони долари, има за цел да ги поврзе младите со можностите коишто им се потребни за да бидат конкурентни во денешната економија и да го зголеми придонесот на младите кон општеството, а ја  спроведува американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со CEED Hub Скопје и Младински образовен форум (МОФ).