Фото: Арбнора Мемети

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го потпиша Решението за распишување на предвремени избори за градоначалник на Општина Пласница и Општина Штип. Изборите на кои граѓаните ќе ги изберат двата нови градоначалника ќе се одржат на 13 декември 2020 година (недела), информираат од Собранието на РСМ.

Решението ќе го спроведат Државната изборна комисија, Општинската изборна комисија и избирачките одбори, а влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Инаку, одржувањето на изборите за градоначалник во Штип и во Пласница се резултат на изборот на досегашниот градоначалник на Штип, Благој Бочварски, за министер за транспорт и врски во новата влада на премиерот Зоран Заев, додека Исмаил Јахоски се одлучи да ја напушти градоначалничката функција откако беше избран за пратеник од редовите на ДУИ на последните парламентарни избори.

На нивното место, во општините Штип и Пласница беа поставени нови градоначалници како вршители на должност, до одржувањето на изборите. Во Штип за в.д. градоначалник беше избран Јане Миланов, додека во Пласница оваа функција ја извршува Елсан Нурчески. Во согласност со актуелното законско решение, една општина може да има в.д. градоначалник најмногу шест месеци.