Две лица, од кои едниот креатор, а другиот администратор на групата „Јавна соба“, на апликацијата за брзи пораки „Телеграм“, вчера биле повикани во полициска станица.

Како што информира на својот профил на Фејсбук дополнителната заменичка министерка Славјанка Петровска, продолжува истрагата на Бирото за јавна безбедност во врска со групата.

„Вчера вечер во полициска станица беа повикани две лица, од кои едното е администратор, а другото креатор на групата “Јавна соба”. По извршените разговори и прибавените докази против нив ќе биде поднесена кривична пријава. Бирото продолжува со активности за евентуална вмешаност и на други лица“, напиша Петровска.

Скандалот кој откри дека во групата биле споделувани видеа и фотографии на девојки, меѓу кои и на малолетнички, беше обелоденет пред неколку дена. Денеска техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, информира дека групата имала 8.000 членови, а во неа биле споделени околу 800 приватни видеа и фотографии. Тој рече дека на разговор ќе бидат повикани само оние кои споделувале содржини, а не сите членови.

Во меѓувреме, иако името на групата е променето од „Јавна соба“ во „Хм….“ и повеќе од половина од членовите, вклучуваќји го и администраторот, ја напуштија, активностите со постирање на еротски и порнографски содржини се зголемени.