Вакцините Фајзер/Бионтек | Фото: Министерство за здравство 17.02.2021 г.

Министерството за здравство информира јавноста дека од утре 3 јули, заклучно со 10 јули, ќе биде во функција веб страницата https://vakcinacija.mk/revaccination. Таа ќе биде наменета за регистрација само на оние граѓани кои се вакцинирале против ковид-19 во странство и сакаат да се ревакцинираат во земјава. За почеток, тоа ќе бидат само оние кои надвор од земјава ја примиле вакцината Астра Зенека.

„Страната за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела. Преку регистрацијата на граѓаните, ќе може да добиеме детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни“, соопштија од Министерството за здравство.

Објаснуваат дека најголем предизвик за ревакцинација на овие граѓани бил фактот што во министерството до сега не можеле да ги планираат дозите и не знаеле со што ќе располагаат во моментот кога овие граѓани треба да се ревакцинираат.

„Со вакцината на Астра Зенека во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. За сите останати граѓани, после регистрација на сајтот, Министерството за здравство ќе направи обид да се обезбедат доволни количини вакцини, по што ќе информираме прецизно во јавноста“, соопштија од ова министерство.

Оваа можност министерот за здравство, Венко Филипче, ја најави кога започна вакцинирањето на македонските граѓани надвор од земјава.