МЗ: Од 124 пациенти со ковид-19 што починале од 15 до 21 октомври, 97 биле невакцинирани

Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

Во период од 15 до 21 октомври во земјава починале 124 пациенти со ковид-19, а од нив 78 отсто биле невакцинирани, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Сите починати – и невакцинираните и вакцинираните – имале коморбидитети, се гледа од статистиките што министерството ги објави.

Од вкупно починатите пациенти во период од 15 до 21 октомври, 97 пациенти починати со ковид-19 биле невакцинирани, а само 27 од починатите примиле вакцина и ревакцина.

За комплетно вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози вакцина, а од ревакцинацијата поминале повеќе од 14 дена.

Од 27-те починати вакцинирани, 1 пациент е вакциниран со Фајзер, 2 со вакцина Астра Зенека, 6 починати пациенти со Ковид-19 примиле вакцина Синовак, а 16 пациенти примиле вакцина од производителот Синофарм. Двајца од починатите пациенти биле вакцинирани со вакцината Спутник В, посочува МЗ.

Кај починатите вакцинирани пациенти, главно станува збор за присуство кардиолошки заболувања, белодробни заболувања, дијабет и прекумерна телесна тежина, додека починатите лица биле на возраст од над 60 години.