„Македонската радио-телевизија“ го прекинува објавувањето владини реклами и кампањи финансирани од буџетот на Република Македонија, дознава „Мета“.

Според наши извори, вработените на МТВ пред еден час добиле наредба да не пуштаат владини реклами во временските интервали што досега биле предвидени за тоа.

Оваа одлука на МТВ стигнува по соопштението на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми објавено вчера, во кое таа ги известува медиумите дека од 10 ноември 2015 година стапи на сила законот за изменување и за дополнување на Изборниот законик.

Во член 83 од законот за изменување и за дополнување на Изборниот законик, договорен меѓу партиите потписнички на Договорот од Пржино и изгласан во понеделникот се вели:

Од денот на влегувањето во сила на овој Законик до денот на одржување на предвремените избори за пратеници, кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања.

Иако законот стапи на сила на 10 ноември, до денеска (13 ноември) јавниот радиодифузен сервис не го почитуваше член 83 и три дена објавуваше реклами финансирани од буџетот на Република Македонија.